Стара земјотресна

Сечие трпение има крај, па и Неговото

Таман седнав да пишувам (вторник, околу 23:30 часот), кога, види беља – здрмува земјотрес. Извежбаниот народ реагира како специјална единица на АРМ: веќе во четвртата секунда од тресењето се слушаат панични удари на папучи по скалите, во седма пред зграда е собран цел куќен совет, во 15-та почнува лицитација со Рихтеровата скала.

Таман седнав да пишувам (вторник, околу 23:30 часот), кога, види беља – здрмува земјотрес. Извежбаниот народ реагира како специјална единица на АРМ: веќе во четвртата секунда од тресењето се слушаат панични удари на папучи по скалите, во седма пред зграда е собран цел куќен совет, во 15-та почнува лицитација со Рихтеровата скала. А кога сите се фаќаат за гелендер, Трендо се фаќа за телевизор.

На Сител – Вучиќ, на А1 – Белото глувче, Канал 5 стандардно безличен, МТВ стандардно неподнослива. Јасно ми е за земјотресот. Сечие трпение има крај па и Неговото. Меѓу таквите религиозно – есхатолошки мисли, се провлекува и понекоја сосема приземна недоумица. И додека надвор веќе се развива здружена песна, јас ги запишувам моите дилеми:

  • Не ми е јасно зошто на некои гледачи кои се јавуват во живо во емисиите, им треба цела вечност да разберат дека се вклучени во програмата. Поради таквите, со години го трпиме истиот ритуал:

Гледачот – Ало?
Водителот – Да, повелете.
Гледачот (вика) – Алоо!
Водителот (и тој вика) – Да, да, ве слушаме!
Гледачот (тивко, за себе) – Ништо не се слуша... тит-тит.
Водителот (мудро) – Изгледа имаме проблеми со телефонските линии. Докторе, да продолжиме онаму каде што застанавме...

Оф мори мајко. Најтрагично во таквите ситуации е тоа што само јадникот што се јавува не слуша ништо. Цела Македонија го слуша, само тој глув како ѕид.  Па, попушти го телевизорот, мамлазе!

  • Не ми е јасно зошто Антонио Димитриевски упорно сам си ги расипува своите емисии со она чудно растегнување на фацијалните мускули кои некои го толкуваат како насмевка. Инаку коректната емисија, со не секогаш нежни прашања за гостите (се разбира интересно за оние кои навистина сакаат да знаат дали Каролина се фатила со овој или оној и дали Искра знае да витка сарми), Антонио ја оптоварува со иритирачкото смешкање и тоа токму тогаш кога тој прашува. Дефинитивно не ми јасно. Посебно затоа што насмевката му е природна колку насмевката на човек кој е врзан за електрична столица, а чуварот му кажува вицови за Свети Петар.
  • Не ми е јасно зошто на вестите се користат исти видео материјали по милион пати. Ете на А1, секогаш кога има вест за ОВК, таа започнува со слика од оние маскирани војници со гранчиња закачени на чизмите (башка што гранчињата им се зелени, а„ маскираниве” минуваат низ шума полна со жолти лисја, ама тоа е веќе прашање за воени сеирџии). Ова со снимките посебно важи кога има грип. Не испратиле снимател дента по амбулантите, па решиле да ги искористат снимките од минатиот грип. И така, од сезона во сезона ќе гледаш едно те исто дете како виси на клупата кај докторот со истиот тап поглед и со подобесена вилица. А кутрово дете, во меѓувреме оздравело, пораснало, отишло во војска...
  • Не ми е јасно зошто некои водители, не знаејќи како да ја најават следната содржина во емисијата, секогаш го употребуваат она: „Одиме понатаму”. Знам бре дека одиме понатаму. Каде инаку би оделе?
  • Не ми е јасно зошто во вестите се користат оние габаритни реченични конструкции за да се каже нешто сосема просто. Во што е проблемот, премногу им е профано да кажат дека утре ќе врне, па нè просветлуваат со реченицата дека" во текот на утрешниот ден ќе има појава на дожд"? Нормален човек се грози од такви работи. Пардон, не се грози, туку забележува појава на извесна раздвиженост на дијафрагмата и симптоматична разиграност на своите желудечни сокови.
  • Не ми е јасно зошто кај оние избори за нај ова нај она, никој не обрнува внимание на сценаријата на таквите настани? Па да се поработи малку на нив, да се најмат професионалци ако треба, да се смислат нормални гегови, најави, дијалози. Вака, годинава моравме да го гледаме оној, инаку симпатичен водителски пар како ги најавува пеачите на изборот на Вечер со оригиналната мисла:
    - А сега, следува музичка нумера!
    Потоа, таман кога помисливме дека појавите од типот на Ранко Рангелов се неповратно минато, моравме да го проследиме оној кутар манекен кој на изборот на Утрински правеше будала од себе имитирајќи го Рики Мартин. Дури и Иван Мирчевски кој најамбициозно го замислил својот избор (одличен хор, куклари, модни ревии) ја оплеска целата работа кога со неговата партнерка почнаа да глумат на сцената. А тоа го правеа вешто како членови на драмска секција во вечерно училиште.
  • Се разбира, мене не ми е јасно ни кога Чомовски ќе научи да чита од идиотот, не ми е јасно уште колку години дописниците од Дојран ќе јавуваат дека сериозно се работи на новиот проект за спас на езерото, не ми е јасно до кога КРТ ќе не запознава со анатомијата на оние украински задници, до кога некои спортски новинари сумите на трансферите ќе ги искажуваат во ,,зелени банкноти”...

Сепак, драги мои читатели и уште подраги читателки, на моите чуденки морам да им ставам крај.

Најмногу поради комшиите. Иако предмалку беа избезумени, сепак, тркалајќи се по скалите, успеаа да ми остават завет: „Трендо, ако не се симнуваш, снимај ни го Вучиќ!”. А ги гледам од прозорецот, изгледаат како да им минал стравот. Наскоро ќе почнат да доаѓаат...

Трендо

п.с. дополнување од една друга:

Овој земјотрес не ме начека по дома па затоа не можам да ја апдејтирам листата со евентуално нови ритуали кои се изведуваат за време на истиот. Пред извесно време, еден пријател ме потсети дека во реконструкцијата на тие моменти (симнување пред зграда, лицитирање околу јачината, меркање на папучите на комшијата...) сум пропуштил еден битен детал. Тоа е она кога човек стрмоглаво шиба удолу по скалите, излегува од влезот и на само еден метар од зградата ненадејно кочи, се врти назад и ја дига главата нагоре, демек да види „дали зградата уште стои!” Хехехе, да, тоа ми е баш фејворит детал.

11 септември 2016 - 11:28