Ветив во последната колумна. Ќе ја објавам својата одлука. Пишав,во вторник. Вторник замина. Имав неодложни професионални обврски. Денес е среда. А јас имам одлука. Конечна.
Преговорите беа напорни и нервозни. Дебатата траеше долго. Сепак конечната одлука ја донесовме заедно. Ги разгледавме сите факти, ставови, предвидувања, сценарија, закани и совети.
Кои сте тоа „вие“?
Јас, Совеста, Волјата, Разумот, Срцето и Суетата.
А-ха...
Да. Не беше лесно да ја донесеме одлуката. Јас бев растргнат, распнат меѓу одлуките. Совеста бараше да се застане цврсто и одлучно, без разлика на последиците и нападите. Волјата инсистираше да не се слуша надворешната галама, сами да одлучме, правилно или погрешно, одговорноста е само наша. Разумот упорно копаше по деталите како Шерлок Холмс. Срцето плачеше и се молеше. Суетата запали цигара и ги крена нозете на маса. Не рече ништо. Воопшто не беше лесно донесувањето на болната одлука.
И? Одлуката?
Одлуката е едногласна. Непроменлива. Долго време размислувана. Гласи, јас се повлекувам од политичката сцена. Сосема. Недвосмислено. Моите колумни во Нова Македонија повеќе нема да се занимаваат со политичките состојби во Македонија. Доколку редакцијата сака, ќе продолжам да пишувам. Знам да бидам забавен на различни теми. Запирам со политички коментари на Фејсбук. Ќе си терам со духовити коментари за сенешто друго. Или сериозн коментари, ама за сенешто трето. И со телевизиските настапи е готово. Освен оние за десетна дена во Љубљана и Пула. Тие веќе ми се договорени. Ја напуштам битката за Македонија. Кукавичлук? Да бев страшливец немаше ниту да влетам на боиштето, а вие мислите си што сакате. Јас си одам од бoиштето.
Се предаваш?
Да. Се предавам.
Зошто?
Од три причини. Ме порази светската изопачена моќ. Ме оковаа македонските политички партии. Така поразен и окован, ми пукаше в глава македонскиот народ. Првпат ваква одлука донесов на 27 април, 2017 година. Ме скрши фактот дека ЦИА, по којзнае кој пат, преку излитено сценарио, порази држава и цел еден народ. Сценариото го одработија раководствата на СДСМ и ДУИ и поединци од ВМРО ДПМНЕ. Народот занеме. Институциите исчезнаа. Сите се правеа луди, никој не ги поставуваше вистинските прашања. Зошто пратениците на СДСМ и ДУИ не гласаа собраниски спикер на почеток од седницата? Зошто чекаа да се собере народ пред Собрание? Зошто некои пратеници на ДУИ јавно кажаа дека знаеле што се спрема и никој не ги повика на одговорност? За гласањето без мнозинство, без записник, вон процедура и закон, не ми се ни зборува. Никој жив не се занимаваше со тоа. Западнав во очајание. Посакав да кренам раце и заминам на пуст остров. Совеста ме предомисли. Срамно е да ја напуштиш битката кога е најтешко. Така ми рече. Ја послушав. Повторно решив да кренам раце од сè на 29 ноември 2017 година. Ги апсеа и затворија уставобранителите. Среде полициско политички монтиран процес. Појдов пред судот. Ако не ги бројам пратениците на ВМРО ДПМНЕ, таму немаше ни сто луѓе. Една мисла ми го прободе срцето. На Македонецот му е потребен лидер за да има кој место него да оди во затвор, оти тој има попаметна работа. Да седи на Фејсбук. Западнав во поголем очај. Волјата ме предомисли. Зарем и ти ќе ги напуштиш, ме праша. А што можам да сторам? Немам ниту моќ, ниту пари да помогнам. Ама можеш да пишуваш за злото со кое соочуваат, ми врати волјата. И ми се врати волјата за борба.
Русјаков!
Да?
Уште ќе гњавиш со твојата емотивна историја?
А-ха, уште седум-осум страници, па ако „не ти паше програмава слободно искључи го твојот издркан Хитачи“.
Ние очекуваме нешто друго од тебе...
Јас не сум џубокс.
Третото разочарување стигна со двотретинското мнозинство кое го отвори Уставот. Не можев да поверувам во она што го гледам. Психопатијата што се одвиваше пред мои очи за мене беше запрепастувачка. Беа прекршени сите правила на игра. ЕУ преку Хан го благослови насилството врз пратениците. Беше поништена реферемдумската волја на граѓаните. ВМРО ДПМНЕ не го извади своето членство на улица. Останатите 900.000 Македонци кои победија на референдумот си останаа дома. Веројатно сите чекаа Бог да слезе и да ги реши работите. Злото си го тераше својот нацистички проект. Нешто крикна во мене. Застани! Батали! За кого тоа гинеш? Никому не му е гајле. Ќе си кажат на Фејсбук и толку. А ти се трошиш, полудуваш. Затоа доста е, готово! Но, разумот не мислеше така. Ми плесна в лице дека кревам раце. Вистината никогаш не е мртва. Можеби сега е силувана, фрлена во клиничка смрт, ама не е мртва. Се додека ја бараш таа има шанса да излезе на виделина. Се вратив во битката и без да излезам.
Заврши?
Досадно ви е?
Мислиш дека го имаме сето време за да ти го читаме романов?
Мислиш дека јас не го жртвував сопственото време?
Колку е тоа време?
12 години. По овие 12 години,си реков, глупо е да кренам раце. Сиот сум се вложил. Го послушав разумот. Продолжив. Си велев, само нека пробаат, ќе им излеземе 300.000, 500.000. А имав милион надежи. И дојде денот. Го изгласаа Северџанистан. Со насилство, уцени и амнестии. Никој не мрдна со прст. Пред собранието... хор штурци. Таа ноќ пиев до бесознание. Никогаш не сум се опил до бесознание. Утредента одлучив. Готово е. Ја изгубив сета животна сила. Се олошив. Исчезнуваат стиховите од мене. Сега навистина е готово. Само уште да им се обратам на моите читатели. Мирував два дена. Сега се побуни срцето. Крварам, ми рече. Сфатив, не можам да не се борам за Македонија. Срцето ќе ми умре.
А 5 мај?
Ќе дојдеме и до тоа?
Кога?
Јас сум господар на своите редови. И продолжив да пишувам. Да се топорам по телевизии. Да се тепам со изопачената моќ. А потоа дојдоа овие претседателски избори. Не можев да си поверувам на очите и ушите. Македонското ткиво се јадеше меѓу себе. Онака сурово, со навреди и омраза. Фрштеа обвинување и етикети. Дали да се гласа или бојкотира? Крајно глупа дилема за омраза, нели? Но, мнозинството не мислеше така. Луѓето се избезумија. Одличив да не сум дел од тоа. Пробав да испратам порака. Никој не ме чу. Се чувстввав како бродолмник на сплав меѓу два огромни брана кои ќе се судрат и распрачат давејќи ме и мене. „Бојкотирам“ ги мрази „гласам“. „Гласам“ ги мрази „бојкотирам“. ВМРО ДПМНЕ застрашува со Талат Џафери. Бесмислено. Неговиот избор е кривично дело. Сè по него е неуставно, противзаконски. Еден ден, секој независен од политиката суд, сето тоа ќе го поништи. БОЈКОТИРАМ застрашува со легитимирање на СЕВЕРНА ако излезеш да гласаш. Бесмислено. Северна Македонија е кривично дело. Независен од политиката суд, тоа ќе го поништи. Доживеав да читам гадости за Дурловски. Човекот кој жртвуваше светска кариера и семејство, кој практично робуваше за Македонија, читам како е напаѓан од луѓе чија најголема жртва е кратка болка во `рбетот заради долго седење пред компјутер. Си реков, ова е кошмар. Напишав колумна. Повторно се обидов да звучам обединувачки. Кажав дека не сум донел конечна одлука околу избориве. Сеедно, ми рипнаа. Русјаков, патетичен си, доста ни е од твоите емотивни испади. Русјаков, изморен си, сега остај ние да ја спасуваме Македонија, ние знаеме како. Русјаков, доста пишуваш глупости, пишувај како што ние сакаме! Конечно Суетата ги ококори очите. Смири се, ѝ реков.
Потемне во лицето, ги спушти нозете од масата и ја згмечи цигарата. Знаев, по Совеста, Волјата, Разумот и Срцето, дојде и нејзиниот ред. Суетата удри со тупаница по масата.
Ги слушаш ли, крикна стресувајќи ми го целото тело. Ти кажуваат што да пишуваш, како да мислиш. Се топорат себе дека ќе ја спасат Македонија, сè сами месии на сите страни, сите се македонскиот народ, и едни, и други, и трети, сите сè знаат, а ти си патетичен емотивец на кого не му е место во оваа војна, ги слушаш ли?
Ги слушам.
Е па ао право се. Сосема. Ти тука завршуваш. Готово е. Те оставив, не ти се мешав, ги слушаше Совеста, Волјата, Разумот и Срцето. Сега јас сум на ред. А јас велам, крај, финито, енде, коњец. Ти и македонската политика раскрстувате тука.
А Македонија?
Они ќе ја спасуваат. И едните, и другите, и третите. Сите заедно. И сите поединечно, оти ако ги читаш, секој од нив е македонскиот народ лично. Ти заврши со ова патување. Дванаесет години патување. И војна, не со ветерници, туку со реалната изопачена моќ. Се заборави себе. А кога се забораваш себе, ги забораваш и најблиските. Дванаесет години и што е сторено? Кога имаше триесет, кога беше во полна сила, кога сфати дека имаш илјадници приказни во себе и сето тоа умееш да го направиш уметност, ти одлучи да го баталиш тоа и да се тепаш за Македонија. А можеше да работиш на себе, да се обидеш својот збор да го изнесеш на светскиот пазар, да заработиш доволно за и ти и твоите најблиски да имате нормален живот, а не борба за преживување. Ти горделиво тврдеше дека пари и слава не ти значат ништо, дека Македонија е најважна. Така одбра. Не те интересираше материјална корист, немаше политичка амбиција, само чиста борба за Македонија. Се тепаше сам. Без грб, без стекната удобност, без нечија помош. Си ги затвори сите врати. Си создаде моќни непријатели. Слушаше закани, мрачни телефонски повици, невидени напади, навреди и обвинувања, етикети и озборувања. Лажеа дека ја материјализираш својата борба, дека си мегафон, дека си заработил 200.000 евра баш кога ти ја исклучуваа струјата, дека имаш 500.000 евра кога не можеше да купиш лекови за мајка ти. Имаше месеци во кои ако не ти беа пријателите ќе јадеше стари чевли како Чаплин. Еве и сега е така. Не ти беше важно тоа. Македонија, идентитет, име... тоа ти беше најважно. Не стекна никакво материјално добро, немаш сопствен кров над главата, немаат ни твоите родители. Живеете од денес за утре, иако уште денес знаеш дека утре ќе биде исто како вчера. Не создаде дом, семејство, иднина. Немаш лична карта, здравствено осигурување, нема да имаш ни пензија. Ти не постоиш. И згора на сè ќе ти се посерат на глава, зашто секогаш има некој што сака да ти се посере на глава. Е па доста. Ти тука запираш. Другите нека одат, ти заврши. Ќе работиш на себе и на својата уметност. Ќе работиш за себе и за своите најблиски. За тебе војната заврши, те поразија непријателот и твоите сојузници. Заедно. Сега нема да биде воопшто лесно. Немаш триесет, туку четириесет и две години. Ја немаш онаа сила и концентрација. Затоа имаш повеќе знаење и приказни. Ќе влезеш во друга битка, битка за себе.
Себично е.
Баш така. Од денес си себичен. Војуваш за себе. За својата уметност. За родителите, братот, пријателите. Ако успееш и нив ќе им помогнеш. Забораваш на Македонија, кој го ебе Северџанистан, сега те интересира светот. Ако успееш, ќе помагаш, ако не успееш, си се обидел. Материјално, од оваа ситуација сега, подолу не можеш да паднеш. Затоа, кажи им збогум!
Збогум!
Уште еднаш!
Збогум!
Русјаков!!!
Да?
Со тебе зборувам или со твојата суета?
Со мене.
Па ти се едно невидено ѓубре. Ни одзема поливина ден за да чуеме, збогум. А ние очекувавме став.
Зарем „збогум“ не е став?
Можеби е став, ама нас друго нè интересира.
Враќањето на Република Македонија може да се случи само на два начина. Или преку револуција, или преку институции. За револуција сум премногу самотник, институциите отсегогаш сум ги гледал преку кафкијански очила и со хармсовски шешир на главата. Револуциите се минато (мислам вистински, не шарени фарси), кај нас луѓе на протест не можеш да извадиш, а за функционирање на институциите треба да се промени светот. Па така, ниту едните, ниту другите кои се колнат дека се вистинскиот избор, нема да ја вратат Македонија. Оти ние сме тие што ја загубија. За неа, единствена надеж се некои идни генерации.
Сакаш да кажеш дека сите сме бескорисни?
Не сте бескорисни, ама не сте ни решение. На крајот, повторно ќе победи изопачената моќ, а вие ќе се обвинувате меѓу себе. Така ќе биде сè додека шлапкаме во плиткоста мислејќи дека пливаме во длабочините.
Ќе гласаш или не?
Прв круг не гласав. Во втор круг ќе гласам доколку цензусот е на пат. Тоа ќе биде мојата последна јавна политичка активност. За Македонија ќе продолжам да се борам сам, ама низ својата уметност, ако успеам да се наметнам и етаблирам.
Знаеш дека ќе ти се помочаме и на ова писание?
Знам. Нема да бидете први. Ама ќе бидете последни. Оти јас тука завршив.
Толку зборови, а ништо не кажа.
Затоа во иднина вие ќе кажувате, јас ќе молчам. Иако сметам дека и тука кажав. Многу работи. Кои ќе ги искористам како скица за последната глава на романот што го пишувам. Романот за последниве десет години светско и домашно лудило фрлено како осиромашен ураниум врз Македонија.
Дефинитивна одлука?
Дефинитивна.