Околу 2000 година платите на професорите и судиите беа речиси исти, околу 20.000 денари. Редовните професори на универзитетите примаа дури и за околу 1.000 денари повеќе. Оттогаш платите на судиите постојано се зголемуваа, така што денеска достигнаа 90.000-120.000 денари, а сега бараат дури и повеќе, односно следејќи го зголемувањето на минималните плати од околу 20% би сакале да примаат 110.000-150.000 денари. Не е лошо како за позиција без магистратура и докторат, досега дури и без судиска академија, а некои од нив избирани - веќе знаеме според какви критериуми и од чии тевтерчиња. Но, дури ни толку високите плати не ја зголемија довербата во судството, којашто моментално изнесува одвај 8%.
Во меѓувреме, платите во образованието стагнираа, односно беа длабоко замрзнати речиси 10 години, а еднаш беа дури и намалени. Добро се сеќавам на тој настан, бидејќи во 2000 година станав вонредовен професор, па иако по основ на повисоко звање ми следеше повисока плата, со намалувањето на платата примив дури помала плата од дотогашната плата на доцент. Којзнае зошто, но државата ги намали платите само на Техничкиот факултет во Битола и на Рударско-геолошкиот факултет во Штип, а неправдата не беше никогаш отстранета.
Така доживеав силна демотивација и пад на ентузијазмот, од што не закрепнав до денешен ден. Тогаш го завршив проектот за индустриски хидрауличен робот и повеќе никогаш не ми падна на памет да започнам нешто ново и големо, иако имав многу убави идеи. Наскоро се отворија првите приватни факултети, а потоа и дисперзираните државни „факултети“ по селата и започна забрзаниот распад на системот за образование и наука.
Последниве десетина години имавме скромни зголемувања на платите, но ни оддалеку не ги достигнавме нивоата на судиските плати, коишто во меѓувреме недостижно се покачија, така што денеска се срамам да кажам колку примаме. Доколку нашите плати ја имаа истата стапка на раст како судиските плати, на факултетите сега би требало да примаме 100.000-130.000 денари.
Зошто беа толку агресивно зголемувани платите на судиите? Официјално, за да се спречи корупцијата и бидејќи нивната професија е многу сериозна, а професорската професија, како впрочем и образованието се сметаа за - заебанција. Терминот е најправилен и најсоодветен, бидејќи државата со сопствениот третман на образованието направи од него токму заебанција, а ова што го имаме денеска е срам и навреда за зборот образование.
Понатаму, непромисленото и налудничаво отворање на разни квазифакултети (денеска ги има околу 135 на 24 универзитети!), во сите поголеми села во земјава, создаде потреба од отворање на многу работни места на тие факултети. Во услови на ограничени парични средства, платите за новите вработувања се наоѓаа за сметка на кратењето на нашите плати, на професорите од постоечките факултети. Со отворањето на безбројните квазифакултети и разводнувањето на талентите меѓу запишаните студенти, професорите започнаа сé полесно да раздаваат незаслужени оценки, водени од стравот дека државата ќе им ги затвори факултетите, доколку не прикажат проодност на испитите и доволен број на студенти. За квалитетот никогаш не се поставуваа прашања, битен беше само квантитетот и функционирањето на системот базирано на лаги.
Малкумината, како мене, кои имаа достоинство и срам и кои не можаа да се согласат со таква недостоинствена политика, беа на секој чекор маргинализирани и шиканирани. Во мојот случај, на пример, преку лажирани комисиски полагања им се пишуваа преодни оценки на оние коишто по три пати предаваа празни испитни тетратки, а потоа ми ги направија сите предмети од задолжителни во изборни, за да не мораат дури ни да се мачат со лажирања. Дури, не смееш да им се пожалиш и да им кажеш дека тоа што го прават е срамота и криминал. Така, станавме можеби единствениот машински факултет на планетата каде предметот динамика е незадолжителен, иако динамиката се занимава со проучување на движењата под дејство на приложени сили, а познато е дека нема машинство и машини без движење. Предметот кинематика, дисциплината која се занимава само со опис на движењата е сосема укинат. Нејсе, повеќе ниту нешто барам, ниту се жалам, бидејќи кренав раце од сé и само чекам да се дотркалам до пензија.
Тоа е мојот пример, но на сите факултети има слични примери, односно од образованието е направена обична мизерија. На пример, некаде се укинува, односно се прави изборен предметот статистика, бидејќи бил тежок за положување, иако е познато дека без статистика нема економија и многу други науки.
На потценувачкиот и понижувачкит однос од страна на државата, факултетите и професорите одговорија со отворање последипломски студии, каде продолжува праксата на раздавање дипломи (на истите оние кои не можеа да положат испит без комисиско лажирање) - но овој пат за пари. Сé е според законот, парите се за школарина, но никој не го гледа неквалитетот на магистрираните и докторираните. Државата, пак, не се замара со тоа, бидејќи им се трга едно гајле од главата, односно на факултетите им се дава можност за дополнителна заработувачка. Гнило до сржта!
На тој начин, сите се задоволни - кандидатите кои добиваат незаслужени дипломи, професорите кои добиваат некој денар плус, оставени и заборавени од државата, а единствен губитник е државата, односно целото наше општество. Така, од мали плати дојдовме до неквалитет и го затворивме кругот. Сакаа заебанција, добија заебанција.