Како што се ближат изборите, стартува лавината огласи за вработувања во јавните претпријатија. По случаен избор избираме еден оглас од ЈП „Исар“ Штип, објавен во дневниот весник Вечер, кадешто половината од понеделничкиот број го сочинуваат огласи за вработување. ЈП „Исар“ Штип е само случаен пример, а вакви примери има насекаде, без разлика дали се работи за тетовски „Комуналец“ или РЕК Битола.
Дали е случајно што вработувањето е на определено време, само до крајот на јуни 2024 година, односно еден месец по одржувањето на вториот круг од претседателските избори? Пораката е јасна: земи ги сега парите и бегај, а ако ги добиеме изборите, ќе објавиме оглас за вработување на неопределено време и тоа за кандидат со работно искуство (токму за тебе, со ова 6-месечно искуство). Ако не победиме, тогаш ништо, благодариме за гласањето.
Инаку, пресметувањето на плата, еднаш месечно, може да ја изврши за само 5 минути со една иста Ексел табела еден од сметководителите, што ги има сигурно неколку во секое ЈП. Во денешно време дури нема потреба ни од благајник, бидејќи платата се подигнува на банка, а не на рака, во плик како на времето. Порано благајникот воедно ја пресметувал и платата.
Ни платата не е лоша, 23.960 денари за 5 минути работа еднаш месечно. Така работата би се свела само на одење и враќање од работа. Навеле безброј услови во огласот за да изгледа посериозно, иако работата е толку проста, што било кој со средно образование би можел да ја работи.
Патем, на истата страница со овој оглас има оглас - јавен повик за изградба на деловни простории на Македонски железници. Иако им сообраќа само еден воз дневно за Битола и два за Велес, мораат да изградат нови простории каде што ќе седат новите одвишно вработени.
1.700 вработени за 2-3 воза дневно. Стотици коруптивни зделки пред избори. Македонијо, со вакви итарпејовски трикови и недомаќински трошења не е никакво чудо што сме доведени до ова мизерно дереџе. Дали вака ќе продолжиме или ќе се опаметиме?
*********
Види и: