Годишно се крадат 300.000 MWh. Загубите се 5% од вкупната потрошувачка заедно се стопанството, а 10% од потрошувачката на домаќинствата. Украдена е струја колку што би потрошиле 180.000 луѓе. Во пари, загубите од кражби изнесуваат околу 100 милиони евра годишно!
До скоро имавме претстава кој плаќа за украдената електрична енергија, а сега знаеме поточно и колку.
Вкупните загуби ги знаеме од порано и тие изнесуваат околу 13% од набавената енергија. Значи, на технички загуби (Џулови загуби во спроводниците од преносните линии, како и загуби од виорни струи и хистерезисни загуби во железните јадра на трансформаторите) отпаѓа околу 8%.
Од вкупните 13% како трошок на ЕВН и се признаени 11% и истите може да ги наплати преку цената на електричната енергија (а не мрежарината). Останатите 2% (сите се украдена енергија) ги покрива ЕВН. Од споменатите 11% што ги плаќаме, 8% се техничките, неизбежни загуби во преносот, а преостанатите 3% се загубите од кражби.
Значи, се потврдува дека не е точно она што го кажуваат од РКЕ дека ЕВН ги покрива сите загуби од кражби. Кражбите не се само 2%, туку 5%, од што повеќе од половина плаќаат директно граѓаните, вклучувајќи го и стопанството, преку цената на електричната енергија. Остатокот го плаќа ЕВН.
Дали тоа е малку или многу? Во земја со околу 1,83 милиони жители тоа би значело дека се краде електрична енергија колку што би потрошиле 180.000 жители, односно приближно два града со големина на Битола. Не мора да значи дека навистина толку луѓе краделе, но украденото количество енергија е приближно толкаво.
Тука веќе има работа за народниот правобранител, односно уште подобро за еден силен адвокатски тим, којшто би ја тужел државата затоа што со години ги тера 1,6 милиони жители да плаќаат за украдената енергија од споменатите 180-ина илјади жители. Државата е виновна затоа што не дозволила полицијата да асистира на екипите на ЕВН на теренот и на тој начин на крадците им овозможила противправна парична корист.
Во случај на неуспех (судовите исто така се државни институции, а знаеме колку се ефикасни), ова би требало да се турка и до судот во Стразбур, за конечно да престане попречувањето на правдата и неказнивоста во оваа држава. Да престане и намирувањето на коалициониот партнер на секоја власт со народни пари. Тоа би била дури и поважната придобивка, отколку самиот износ на украдените пари. Ако сакаат да им се прават добри, нека донесат свои пари од дома и со нив нека ги задоволуваат.
Додека тоа не се регулира, најлогично е украдената струја да биде на товар на самата држава, затоа што таа со своето непостапување овозможила континуирани кражби и ненаплатување на украдената електрична енергија.
За крај, една тема за размислување. ЕВН ја откупува електричната енергија од ЕСМ по гарантирана цена од 48 евра по мегаватчас, односно околу 3 денари за киловатчас. Нам ни ја продава просечно по околу 8-9 денари, со вклучен ДДВ. Прашањето е: како цената од 3 стигнала до 8-9 денари по киловатчас (зголемување од 200%), земајќи ги предвид загубите од 13%, мрежарината и ДДВ-то? Колкав е тогаш профитот на сите посредници од синџирот за пренос и дистрибуција?
Се троши националното богатство (јагленот), работаат луѓе во рудникот и електраната, се копа, транспортира и меле јагленот, работи котелот, турбината, генераторот и трансформаторот - и сето тоа за 3 денари по киловатчас. Слично е со хидроцентралите - потребна е акумулација (езеро), турбини и т.н. Од друга страна, во целиот пренос и дистрибуција нема ни подвижни делови и машини, ни чести ремонти, ни оддалеку толку работници - па сепак за нив има повеќе од 3 денари по киловатчас. Разликата е што производството се врши во државна компанија (ЕСМ), а дистрибуцијата е во приватна и тоа странска компанија, која се води само со мислата за максимизација на профитот.
За една работа сум сигурен: доколку дистрибуција (тогашниот ЕСМ) не беше продаден на странци (за мали пари, но тоа е друга тема), денеска немаше да плаќаме толку скапа електрична енергија. Можеме да кажеме и обратно: доколку ги продадевме електраните (ЕЛЕМ, односно денешен ЕСМ, малку фалеше), дури тогаш ќе видевме што е скапа електрична енергија - тоа што го гледаме во Европа.
Електростопанството е витална гранка во секоја држава, важна за благосостојбата и животниот стандард на населението, па државата не смее(ла) да дозволи никаква приватизација и трупање профити на приватници. Нека прават капитализам таму каде што не се монопол, а не да се богатат на грбот од народот. Државата, пак, морала да стори се, за да го спречи крадењето на струјата.