Некое време летоска, на наше изненадување и гордост, ќерката, која е студент на биологија на УКИМ, беше избрана од страна на Македонско Еколошко Друштво да посети стручен собир-конгрес како претставник на студентите и млад лидер. Конгресот беше - во Британија.
Се разбира дека беше изненадена и почестена со поканата. Сите дома бевме радосни. Имаше само едно нерешено прашање: А виза?
Бидејќи конгресот беше закажан за средината на септември, уште во јули се започна со подготовка на документи, покани, резервации на летови и сместување за да се пополни апликацијата за УК виза, процес што ќерка го спореди со полагање испит на факултет.
Ова не беше приватно патување, сите потребни документи и цела организација беше подготвувана од Македонското Еколошко Друштво. Апликациите за виза, вклучително и интервјуата беа на почетокот на август, демек да се запази рокот од 6 недели. За МК делегација од 4 луѓе.
Веќе погодувате што се случи? Не се случи ништо.
Од фирмата задолжена за издавање визи, ни абер, ни визи. Ни муабет. Времето за конгресот дојде и помина. Конгресот се одржа, Македонците останаа дома. Неколку дена пред летот, напишав ДМ до @UKinRNMacedonia во јалов обид нешто да променам. Пораката остана прочитана но неодговорена. Момците од УК амбасада се од големото добро утро, не решаваат приватни проблеми на твитерџии. Со твитерџиски речник, ме оставија на „seen“.
А потоа, дополнителни проблеми: ај што ја нема визата, него и пасошот го нема, а потребен е за друго патување. Па влечкање, чуда, и на крај плативме уште 100 евра трошок за веднаш да се повлече пасошот. Па дојде пасошот. Па се забошоти работава.
Мислите дека заврши? Е не заврши.
Вчера, на 13 октомври, повеќе од еден месец по планираниот престој, дојде писмо од Хоум Офис со кое визата се одбива, пошто датумите за престој поминале, па немало основ за издавање виза. Оф корс дека датумите од септември се поминати во октомври, you pompous bureaucratic twat!
Зошто го пишувам ова? Пошто збориме за држава која од уста не вади дека дава поддршка за Македонија, па интеграции, па разни помоши, па стипендии, па собири… како не бе. Први пријатели сме. Само дур си седиме дома, немој некој од нас да видат таму.
Ок, озбилно: ваков однос е спорен по најмалку два основа. Прво, плачеме и кукаме дека нашиве универзитети биле на милионито место на шангајска листа. Од друга страна, нашиве „први пријатели“ не пуштаат наши студенти и професори на научни собири, да видат како треба.
Од друга страна, од прв ден на постоење на Македонија како држава, имаме асиметричен визен режим со Британците. Они кај нас смеат кога сакаат, ние кај нив не. Нели имате впечаток дека ова некако оди на рака на бугарскиот наратив, во кој треба сите да извадиме бугарски пасоши?
Пошто и овде на твитер имаше споделени искуства дека во авионот за Лондон уште пред слетување ги делеле луѓето на „тие со пасоши и тие со визи“. Какви пасоши?? Пошто влез со бугарски пасош таму е гратис. Каква пријателска земја е тоа? И да прашам: а што точно работи @MFA_MKD по ова прашање? Или нив ова не ги засега, они си зујат наваму-натаму со дипломатски пасоши. А за нивни деца се јавуваат по телефон, или имаат бугарски пасоши сите, господ знае што прават? Кого уопште штитат тие? На чија страна се?
На никој од нив не му текнало дека ако барем не може да се реши ова прашање, тогаш да си воспоставиме двостран визен режим, и тоа пред закажаната утакмица со Англија, за која ќе дојдат пар иљади хулигани, ќе направат сто тепачки на плоштад и стадион, ќе се начукаат и ќе заминат?
Што ќе ни го тоа? Тие може, ние не? Не е џабе што Британците се познати како „Перфидниот Албион“. Јаки пријатели: колку воопшто европски земји се со визи за таму? Ај што бараат визи, него што не ги даваат?
Ама не се тие криви, им се може. Ние сме будали што трпиме ваква администрација од наша страна. Избрани и назначени функционери, кои не функционираат.
За крај, да се развеселиме со една песна:
*********
Бонус: