Извадок од првата страна:
„... - Срби вас ве викаат - одвраќа детето. - И учителот така нам ни кажува.
- Не знае твојот учител ништо... Ништо тој не знае!
- Што не знае?! Кој не знае?! - гракнаа повеќемина од нив од околните маси, а некои му тргнаа на Кузман за физичко пресметување.
Тој се подигна, ја извлече својата тесла под блузата и со подигната рака ја насочи острицата кон овие:
- Дојдете, дојдете... Приближете се... Не сум јас Бугарин, јас сум Македонец... Пријдете да ве исколам како јариња! - се жести со запенавување старчето со подигната тесла. И колку беше слаб, стар, жегољав, уште повеќе се наби во себе покрај ѕидот, накострешен како еж, а од очите му светкаа искри. Испостанаа неговите од масата, посредуваа, го повлекуваа, стишуваа. ...“
***********
Извадок од другата страна:
„... - одвраќа малку пркосно Кузман, постаро човече, пиперкар, од Жиглево.
- Како, и во српскиот нема?
- Кој знае таму.
- А, зарем... вие сте уште Бугари? - се присети Агапие.
- Ние сме Македонци - одвраќа старчето Кузман и лупка со чоканчето на масата за уште една ракија.
- Македонци!... Добро Македонци, но што, која народност? - се замеша Агапиевиот сосед, од блиската маса.
- Па од Македонија, Македонци, ете тоа.
- Ама и мојата земја каде што сум се родил се вика Ердељ, но јас сум Романец, а вие Срби не?
- Ние Македонци...
- Не, не, мој мошуле (?), вие сте Срби, од Македонија - го потврдува тоа и другиот Романец од подалечната маса. - Ти не знаеш. Ако пак знаеш па мислиш поинаку, сега ќе ве научиме, и вас овде и оние преку Дунав... Ние и Србите вас ќе ве научиме!.... Туку ти само онака, а знаеш дека си Србин!
- Ние сме Македонци! - одбива повторно Кузман заобиколно и бара уште ракија.
Овие неговите за масата го заќутуваат, го стишуваат за да не се истакнува.
- Што море, да ќутам! На Власите да им ќутам? - се жести подјазично на неговите. - Нејќам да им ќутам.
Доаѓа момченце, ученик, со шише да купи вино. Еден од Власите му прискокна, го фати за рака и го доведе до пиперкарската маса.
- Што се овие? - го прашува детето покажувајќи на нив.
Тоа ги загледа, со облека испрскана од малтер; опашани со црвени појаси под летните блузи и вели:
- Ѕидари.
- Добро ѕидари, но што, која народност? Романци?
- Не, Срби.
- Браво... браво! - го тапка овој задоволен.
Трајан со неговите за маса ги посматра.
- Македонци, Македонци! - отфрла со покрстување на рацете Кузман. ...“
***********
Ангелко Крстиќ (с. Лабуништа, Струшко, 1 ноември 1871 година - Лабуништа, 6 мај 1952 година) е поет, раскажувач, романсиер и драмски автор. Ја завршил Подготвителната учителска школа во Белград во 1889 година. Од 1890 година учителствувал во селата на планината Јабланица. Првиот литературен прилог го објавил во „Цариградски весник“ под псевдонимот „Дримколец“ во 1904 година. За романот „Трајан“ во 1934 година ја добива наградата на Академијата на седумте уметности во Белград за најдобар српски роман. Во 1940-1941 година е директор на скопскиот дневен весник „Глас југа“. Пишувал на српски.
Посочил: Пољакот од Македонија
Повеќе: Македонска Национална Академија