Репортажа на Горан Паук, новинар од Шибеник:

Инаети се, Македонијо!

Интересно е дека во Скопје, Охрид, Маврово, Галичник, Јанче, никој не сака отворено да зборува за референдумот. Ни минувачи, ни таксисти, ни келнери, ни новинари... Но на секој чекор може да се почувствува разочарувањето на луѓето во кои се разбудил немерлив инает. Чувството е такво дека Македонија би зоврела кога би се променило името на државата.

„Тоа ти е како некој да ти се всели во куќа и уште ти кажува каде ќе спие жена ти“ - со овие зборови познат македонски новинар ни објасни што мисли за референдумот за промена на името на својата држава. Секако, оној кој фигуративно се вселува во куќата е Грк. Имено, бев во Македонија токму по референдумот, кога беше актуелна темата за името на државата „каде вечно сонце сјае“, односно договорот кој премиерот на левичарската влада на Зоран Заев го постигна со својот грчки колега Алексис Ципрас за менувањето на името на државата од Македонија во Северна Македонија. По четири денови авантури и разговори со локалци сфатив дека тоа нема да оди баш лесно...

- Прашањето е срочено тотално погрешно. Нè прашаа дали сме за промена на името на државата и Европската унија и НАТО. Да, сум, за ЕУ и НАТО, но не под вакви услови. Не излегов на референдум, кој ги ебе - ни рече познатиот новинар огорчен од политичката состојба во државата, откако екипа на новинари од Шибеник им ја возврати посетата на Македонија во склоп на еснафска размена на здружението „Хрватско-македонска тангента“.

Секако, најпрвин стигнавме во Скопје, во одличниот хотел Панорамика, еден од поновите и подобрите во градот уреден во модерен скандинавски стил, од каде се пружа прекрасен поглед на метрополата со 600 илјади жители. Тоа е град кој е можеби и најпознат по тоа што во 1963 го погоди страшен земјотрес и тотално го разори. Одиме до локалот „Парис“ во кој почнува дружењето на хрватско-македонските новинари со можеби најдоброто и најкрцкавото свинско кое сум го јадел во живот. Со прасе и жолта, која својата специфична боја ја добива затоа што лежи во бочви од дудинка, неизбежна е темата за референдумот...

- Огромен е притисокот врз државата. Во последните шест месеци сите живи светски и европски функционери се изредија во Скопје, Од Меркелка до Јункер. Сите се прашуваме која е пошироката слика - ни раскажува друг новинар, уредник на еден од попознатите веб портали. А таа поширока слика, „големата“ како што ја викаат, е дека НАТО сака да ја затвори својата источна граница со примање на Македонија во својата алијанса. И затоа им е геополитички важен договорот со Грција.

Приказната за името Македонија тука застанува...

Буре барут во Македонија

Утредента одиме до Маврово и живописното село Галичник на 1400 метри надморска висина, од каде се гледа највисокиот врв на Македонија, Голем Кораб. Приказната вели дека дури ни Турците, кои 500 години биле во Македонија, не владееле со Галичник затоа што зиме е речиси невозможно да се пристигне до него. Нема повеќе ни постојани жители откако баба Гаца умрела пред неколку години, но таму свое засолниште наоѓаат уметници, како сценаристот на познатиот филм „Буре барут“, Дејан Дуковски.

Можеби токму тој беше еден од оние кои тие денови пушташе реге и даб додека го пишуваше својот нов роман или сценарио. Беше тоа навистина надреална сцена - непроценлива убавина со музика која се шири од галичката долина. Шетаме и среќаваме продавач во граначпе. Станува збор за Дамјан, 62-годишен кој живее во Скопје, но води потекло од Галичник.

- Туристичката сезона лете е јака, тогаш доаѓаат многу луѓе. Но ни тоа не е веќе како некогаш. Секоја година е сè послабо. Не знам дали воопшто ми се исплатува да имам дуќан - ни вели Дамјан и веднаш нè предупредува дека не знае ништо за политика. Не е ни чудно, со оглед на тоа дека до Маврово му треба најмалку еден час не баш едноставно возење по кривини, а потоа уште саат и пол до Скопје.

Ни Дамјан не излегол на референдум, како ни најмалку милион други Македонци. Интересно е дека и тие мака мачат со избирачките списоци. Балкан во својата политичка есенција.

Електрификација наспроти сакрализација

Спиеме во ски резорт во Маврово, кое зиме е нешто како Копаоник во Србија, Купрес во Босна и Херцеговина или некогаш Бјелоласица во Хрватска. Сега ја чека зимската сезона, а пејзажот е неверојатно убав, како и потопената црвка св. Никола во вештачкото Маврвско езеро. Приказната е интересна - тогашните комунистички власти почнале со електрификација на земјата и во педесетите срушиле дел од Маврово, но црквата не ја пипнале. Денес таа е атракција во езеро за кое имаат пишувано голем број познати медиуми па и Хафингтон пост.


Тргнуваме во посета на два манастири; машкиот, свети Јован Бигорски и женскиот, Рајчица. Станува збор за многу познати манастири во Македонија. Во првиот живеат околу 25 монаси, а во него се наоѓа и најстарата икона во Македонија со ликот на св. Јован Крстител која наводно има исцелителски моќи. Датира од 1020 година, значи 34 години пред големата „шизма“.

Во Рајчица, 15-тина километри оддалечена од машкиот манастир, свој дом и силна поврзаност со Севишниот нашле десетина монахињи. Искушеничката Мимоза, сестра која е на `проба`, ни ја раскажа приказната за делот од телото на Ѓорги Победоносец, кој има пријатен мирис, како и за фактот дека монахињите рачно ги изработуваат митрите за епископите на различни православни цркви во Европа.

Секоја земја има свое Јанче

Се враќаме и спиеме во Јанче...Не е тоа она личко Јанче на пола пат помеѓу Загреб и Шибеник, туку мало македонско село во кое живеат Македонци муслимани, таканаречени Торбеши. Иако тие тоа име баш и не го сакаат. Заборавеното село станало хит кога во него од печалба се вратил Тефик Тефикоски, купил неколку куќи и го изградил хотелот Туто. Сега тоа е прогресивно туристичко место во кое заоѓаат луѓе од цел свет, а доаѓаат и премиери и претседатели.

- Знаеш што? Ме затвора пред десетина години финансиска инспекција, а тој ден ми доаѓа претседателот. И што ќе прават... Ми дозволуваат да го отворам хотелот и да го нагостам претседателот, но да ја залепам пак онаа лентата кога ќе замине - онака од ракав ни кажа Тефикоски, човек кој добар дел од својот работен век го мианл во Италија, а сега во западна Македонија спроведува туристичка револуција. Станал познат во целата држава како туристички реформатор и човек пред своето време а претседател е на организација која промовира „slowfood“, значи луѓе кои уживаат во секој залак.

`Подобар живот` во Македонија

На распоред е враќање во Скопје и средба со премиерот Заев во зградата на Владата. Се потрефи баш на тој ден да му е роденден. Откако го чекавме некои добри пола саат, пристигна помлад човек познат од светските медиуми кога пред година и пол беше натепан од активисти на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието. Тогаш, имено, се договорил со албанското малцинство и за претседател на парламентот предложил Албанец. Тоа било капка која ја прелила чашата на десничарите, а заради тој крвав и нецивилизиран инцидент триесетина луѓе се во затвор, па дури и некои парламентарци кои на насилниците им ги отвориле вратите.

Што друго да се зборува ако не за референдумот... Заев е оптимист, иако излезноста за толку важен чекор во развојот на напатената земја е, најблаго речено, мизерна - само 36%. Но тоа не го спречува Заев да продолжи со својата идеја, и како што вели да ја приближи земјата кон НАТО и ЕУ. Така ни делуваше и кога нè прими во својата канцеларија, во зградата на Владата реновирана во неокласицистички стил, со оние познати антички столбови.

- За промена на Уставот и името треба да имам двотретинско мнозинство. Македонскиот народ ги бираше своите претставници во Собранието и тие сега ќе одлучуваат за името. Ја имам поддршката на народот, од 600 илијади луѓе, односно 36%, од кои над 90% се а новото име, а со тоа и за прекин на грчката блокада - оптимистичен е Заев пред шибенските новинари. А пред зградата на Владата протести...Да, подобар живот ја чека Македонија.

Ни раскажуваат новинари дека Заев шири заразен оптимизам со својата персона, па неретко си одат среќни од прес конференциите на кои тој тврди, како и нам, дека за година и пол од неговиот мандат инвестициите пораснале за дури 230 отсто. Внимавајте, и тоа во земја во која 400 евра е одлична плата.

Македонци, пазете, Грци!

Во Скопје се среќавам со пријател, хрватскиот Македонец Цвитан Гргуричин, чиј татко Ќирито беше ѕвезда на мојата репортажа од отокот Жирје. Цвитан е млад ИТ инженер кој работи во близина на плоштадот Македонија, тој антички Дизниленд во посткомунистичка ера на Македонија. Го минуваме Вардар, стапнуваме во чаршијата, во албанскиот дел од градот кој како да е друга држава. Правилата тука речиси да не важат.

- Ако моите баба и дедо од мајчина страна можеле да кажуваат дека се Македонци, иако биле тепани заради тоа од Србите и од Бугарите, зошто јас би рекол дека сум Северномакедонец? Тоа не доаѓа предвид. Грците премногу пати нè имаат излажано за да им верувам. Едноставно сме им на мета, а договорот Заев-Ципрас крие многу стапици - ни вели Цвитан додека го испиваме чајот во чаршија, а еден Албанец на колешка се обидува да ѝ продаде кожна јакна.

Стапиците се големи! Државата не можела да се вика Северна Република Македонија, туку Република Северна Македонија. За на тој начин да се создава нова нација Северномакедонци...Прашањето е што би се случило со имотот на стотина илјади Македонци од Егејска Грција кои се протерани од своите огништа. Егејска Грција дури во деведесетите стана Македонија, а пред тоа луѓето ги малтретирале ако кажеле дека се Македонци. Многу прашања, а малку одговори, смета Цвитан.

Антички Дизниленд на задоцнетата нација

Интересно е дека во Скопје, Охрид, Маврово, Галичник, Јанче, никој не сака отворено да зборува за референдумот. Ни минувачи, ни таксисти, ни келнери, ни новинари... Но на секој чекор може да се почувствува разочарувањето на луѓето во кои се разбудил немерлив инает. Чувството е такво дека Македонија би зоврела кога би се променило името на државата...

Повеќемесечната тортура со плакати, пораки, реклами дека промената на името е историски момент за влегување во евро-атлантската интеграција, изгледа не успеа. Во земја која веќе 27 години мака мачи со Грците околу своето име, со Бугарите околу јазикот и историјата, со Србите околу својата православна Црква а и со Албанците како најголемо национално малцинство кое бара сè поголеми права со кои и војуваа 2011, малку нешта одат како што треба. А сепак, народот живее, улиците и локалите се полни со весели и отворени луѓе.

Оттаму, и не е чуден тој центар на Скопје кој изгледа како некој антички Дизниленд со статуите на Александар Велики, неговиот татко, мајка, царот Самуил, Гоце Делчев на коњ, иако историчарите велат дека тој никогаш не јавал. Па и најјаката десничарска партија им се вика ВМРО-ДПМНЕ според старата револуционерна организација. Во опкружувањето во кое се наоѓаат, каде секој ги присвојува и не им го признава идентитетот, тие го бараат своето минато, сегашноста и иднината. Тоа е прилично разбирливо за млада држава, за задоцнета нација, која својата вистинска и целосна државност ја добила дури во комунистичка Југославија благодарејќи му на Тито.

И тогаш доаѓа еден Заев и се договара дека тие веќе нема да бидат Македонци, туку Северномакедонци. Епа, мислам дека тоа тешко ќе помине...

Горан Паук, за „Шибенски портал“

 

12 октомври 2018 - 14:13