Евровизиско Трендоленд пакетче

Да не му се верува на човек колку кофи колективна енергија сме подготвени да поарчиме на будалаштини. Како да ќе ни се сменат животите ако се пласираме вака или онака на Евровизија. Гледам, СФРЈ уште не може да се освести од победничката еуфорија по триумфот на Рива.

Браво Македонијо! Успеа да ја преживееш Евро факинг визија! Ах, колку сум горд на мојот народ и на мојата држава! А воопшто не беше лесно да се преживее. Во некои земји оваа приредба се доживува, хмм, некако нормално. Кои лудаци! Велат дека во таквите земји дури има и поединци кои се осмелуваат да излезат надвор, да тркнат до кино или ресторан кога на телевизија има директен пренос на националниот избор за песна на Евровизија. Замислете! Исто така велат дека во таквите квази држави по евентуалниот неуспех на нивната тралалајка на меѓународен мегдан, институциите на системот продолжуваат да функционираат нормално, јавниот ред и мир се одржуваат без поголеми проблеми, а дури не се забележува ни појава на масовна депресија меѓу граѓаните. Значи, што сè нема на светов!

За среќа, ние не сме толку забегани. За среќа, нашето национално чувство и државотворен инстинкт не се атрофирани до тој степен па оваа музичка приредба да ја доживуваме како музичка приредба! Па на што би личело тоа? Не, драги наши аудио браќа од Европа плус Израел (стварно, од каде бре Израел секоја година на Евровизија?). Вие слободно заебавајте се ама ние сме мртви озбилни. Ова е за нас прашање да се биде или не, историска шанса за меѓународна верификација на нашиот идентитет, за конечно признавање на нашите златни грла под уставното име. Затоа и такви пицајзли сме околу секој ебен детал на Евровизија. Прво одеше една мачна но неопходна дискусија околу фундаменталното прашање за начинот на изборот на песна. Хмм, дали еден пеач да пее 8 песни или 8 пејачи да пеат иста песна или можеби и годинава треба да одиме како што сме навикнале. Со ноќи не заспивав мачејќи се околу овие страшни библиски дилеми. По дома ми тврдат дека некои вечери сум знаел цел испотен и во бунило во сон да се исправам и да почнам да изговорам некакви богохулни реченици од типот „Осум пејачи да не пеат ништо!”, по што кротко сум се враќал во првобитната лежечка положба, сè до мојот нареден евровизиски кошмар.

Но, бидна и тоа. Конечно, доаѓа „денот Д”. Улиците се празнат, на бебињата им се даваат апаурини за да не врескаат и да ја реметат евровизиската бонаца, цела нација се монтира пред телевизор, почнува да гризе нокти, да крши прсти, ја фаќаат тикови од силната возбуда. Општонародна драматика, масовна неизвесност, колективно лудило, фестивалот на лесни ноти се претвора во тешка траума. Да се јавиш на Брза помош во тоа време, ќе те дочека снимена телефонска порака: „Доаѓаме кога ќе заврши гласањето. Ако сакате сами да си помогнете, следете ги упатствата: за инфаркт стиснете двојка, за скршена рака стиснете тројка...”

И како јас сега некому да објаснам дека немам никаков став околу тие песни пошто таква музика стварно не слушам? А оно, ќе видиш копиљ со 16 пирсинга на уво, грло, нос, носи маица со натпис „Фак д систем” и по маало збори: „Добра беше третата, мада и седмата беше супер”.

*********

Тоа што сега сите се кул во однос на шлагерската бљувотина колд Еуросонг, не беше пречка нацијата масовно да се грчи во очекување на приредбата, како кога задишаните омладинки му предаваа штафета на фраерот. Го пуштивме „најмалото, најубавото” со надеж дека Европа конечно ќе нè признае за автокефална музичка нација и со души како лешници зјапавме во оние водители, кои личеа на куклите Барби и Кен откако отстојале неколку саати на јулско сонце. Набилдани со кометал хормони, веќе го прогласуваме Фиром за победник. Убедени во наклонетоста на Јупитер и на останатите планети што живот значат, веќе го гледаме Скопје како домаќин на следната Евровизија. Грците ги сместуваме во хотел Карпош за да ѕензаат пред заедничкото веце кога ќе им се оди понадвор, светските новинари прават екслузивни репортажи од Пајко маало, а вечерта во Универзалната Сала, љубезни тетки од европските престолнини му се јавуват на нашиот водител: „Хелоу Скопје, хелоу Драган Вучиќ...“

И, откако го попушивме, веднаш ја детектиравме страшната масонско-прибалтичка завера против нас, а мудрувањата на локалните стратези можеа да почнат: да се откажеме од Евровизија (јака ствар!), да се отпишеме од Обединетите Нации (јака ствар!) сè додека Кофи Анан во оригинал на МТВ не ни ја испее „Коњ ми тропа с десна нога”, догодина да ја пуштиме Лупевска да известува од Евровизија (е тоа е веќе нешто), да го рентаме Љубе на воените вежби на нашите конкуренти (ух што сме станале злочести)... Да не му се верува на човек колку кофи колективна енергија сме подготвени да поарчиме на будалаштини. Како да ќе ни се сменат животите ако се пласираме вака или онака на Евровизија. Гледам, СФРЈ уште не може да се освести од победничката еуфорија по триумфот на Рива.

********

Политичкиот оброк се замени со естраден. Нашето одење на Евровизија! Неверојатно битна работа, нели? Фасцинантно ми е со колкав жар овдешните естрадни првоборци се спремни да мозгаат околу таа, до коска досадна тема. Дали овој начин на избор е добар или не е, зошто не биле консултирани експерти (чуј, експерти!), какво жири ни треба, дали Тоше ќе биде хендикепиран со ваков избор, дали му треба бавна или спора песна, со етно елементи или певлива... Ама неверојатно! Ги гледаш и се ежиш кога почнува да ти станува јасно дека тие навистина веруваат дека се занимаваат со некакво животно прашање. Кај нас постои поголема загриженост за Евровизија отколку за смртноста на бебињата. И најужасно е што таквите будалаштини секогаш ги виткаат во она старо, излитено чергиче за националните интереси. Слично како во случајот со изборите за женска убавина. Ќе дојде време некоја наша Мис да оди надвор „на проценка” и момата од одма ќе почне да нè дави како таа ќе била амбасадор на Македонија и како поради тоа државата треба да ја поддржи и да застане зад неа. И женската стварно верува дека јас плаќам данок само за таа да има пари за убави фустани додека шетка по белиот свет, додека пациентите се тепаат со лебарки по болничките кревети.

*******

Шуќур што сме толкави шуги па и немаме многу прилики да се одмеруваме со рестото од оваа мизерна планета која, од година во година, од Евросонг на Евросонг, од Олимпијада до Олимпијада, сè повеќе заглавува во ужасен грев и несвесно тоне во калта на бескрајното лицемерие. А сето тоа, ние го доживуваме како директен атак врз нас, пошто ебем ли га зошто – се рачунаме за единствените поштени суштества кои во животот се пробиваат единствено со својот квалитет и кои никакво сплеткарење не ги интересира. Освен ако – јеби га – Џаро не среди некоја дубара со Романците по што гордо ја палиме другата дефиниција за нас која гласи: „А бе види, наш човек ако не ги заебе, кој”?

Замислете да бевме барем малку нормални па да имавме редовни општења со светот! Да имавме регуларни шанси да се натпреваруваме со другите држави во разни спортски, културни или што ти ја знам какви дешавки. Па тоа ќе беше катастрофа! После секој резултат кој немаше да ги задоволи нашите перверзни амбиции, нашата делегација ќе ни се враќаше дома полна со неподнослива горчина и милион прикаски за тоа како ние уствари сме биле најдобри ама дека ете, уште еднаш победила политиката, задкулисните игри и подземните лобирања на кои ние ниту сме можеле, а богами ниту сме сакале да се спротивставуваме.

Да речеме, да имавме роман кој ќе беше блиску до добивање Нобелова награда. И – да не ја добиеше!!! Охохо, тешко на светот! Чиста политика! Ма, отсекогаш имало политика во тие награди, ама како годинава немало! Не бе, оние од комитетот не ги интересира содржината на романот, тие само кориците ги гледаат! Дај да одвоиме пари од буџетот за да закупуваме секој ден по една страна од Њујорк Тајмс за да го објавуваме нашиот неповторлив роман во продолжетоци, па да види цел свет како пишува Македонецот... па тоа е бре напишано бар три пати боље од оној скапанион што победи! Гарант на оној Алфред – срце му је динамита – Нобел ќе му ископавме некоја грчка жичка во родослов, а меѓународната книжевна заедница ќе ја колневме сè додека не ни признае дека и гравитацијата ја измислила само да ни напакости за да ни тежат газовите и да не можеме да се вивнеме во литературните и други височини на кои природно им припаѓаме.

А до таа, лајф–из-а–бук прилика, треба јуначки да ги издржиме актуелните ретроспекции околу Евровизијата. Додека си рекол „чок сени сејвјорум” се накотија милион анализи кои ни ја објаснуваат онтолошката суштина на штотуку завршениот турски Евросонг. Секоја година одново се фасцинирам од способноста на тукашниот народ да го дрви ем жилави околу секоја ебена, а факинг небитна ситница околу оваа фина медиокритетска приредба. Дали ќе беше попаметно наместо во кожа, Тоше да го пуштиме во Спидо купаќа, дали требаше некому да му текне еден од пратечките вокали насред песна да голтне столче со што ефектно ќе ја претставевме нашата искрена глад за победа, колку бодови од Исланд ќе добиевме ако штепот на мантилот на Тоше беше дупли, дали треба да го признаеме Косово за догодина да имаме еден комшија повеќе... Сè на сè, никако не можеме да се изначудиме како е можно ние да им го пуштиме уан енд онли Тоше, а оно таму да победи некоја мочла Руслана која не би можела ни „Паро ле, Севдо ле”, а камоли „Зајди, зајди” да отпее, па онда оној српски плагијат, па онда оној хомосексуалец од босански происход, боже ме сачувај...

А дека стварно сме биле најдобри и дека тоа таму надвор на сите им било јасно, сведочи и фактот што на нашиот претставник, тетките во мензата доброволно му ставале по три црпалки манџа наместо предвидените две, а и на оној што го победил нашиот, подоцна му умрела бабата од жена му од што јасно се гледа дека му се познало илето!

Следејќи ги поуките од нашиот последен настап кои деновиве ги дефинираа разни експерти напупени на телевизор, полека се оцртува фотороботот на нашиот иден претставник на Евровизија. А мене тоа ми изгледа страшно забавно. Елем, откако акламативно утврдивме дека Европа сè помалку ја интересира квалитетот, а сè повеќе забавата, шоуто и атрактивноста на настапот, испаѓа дека догодина најпаметно ни е да го пуштиме Раде Рогожаров! Со вокална придружба од Саманта или некоја слична музичка дива, плус Сури од Студени нозе задолжен за пиротехника, плус импозантен блех оркестар, комплетно навежбан на кореографија на Васко Форти, кралот на флуидните и загадочни сценски движења. Има „Раде енд д Фиромианс” да им ги стресат гаќите на подзаспаните Европејци! Шпаги, склекови, колути напред, колути назад, троскоци... не се родил уште тој мајчин камерман кој ќе може да ја улови во кадар нашата разулавена екипа. Башка, наш Раде гарант има поголем џбун под мишка од она грчко педериште кое врескаше „шејк ит, шејк ит”, милк шејк да ни пие, дабогда!

********

Сто му великих одмора, стварно се заебав што пораснав. Но, тоа е тоа, сум згрешил, нема повеќе да ми се повтори. А сега, што да прави пораснат човек во земја во која има повеќе сиромаштија од Пакистан? Нормално бре, ќе се занимава со Евровизија! Евро факинг визија!!! Отсекогаш сум сакал таму да испратиме некој јунак како Господин Господин Гоце Арнаудов. А тој, онаков харизматичен каков што го дал Господ, да излезе пред браќата Европјани во придружба на тешката артилерија на трубачите на Неат Велиов од Кочани, па за три минути да направат таков музички пичвајз, да ја нарушат статиката на зградата во која настапуваат. Едноставно, да ми го направат меракот и да и ги здрмаат гаќите на таа катастрофално штреберска и медиокритетска приредба.

Ама не бе Трендо, ти си сељачиште и копук. Приземен си, немаш евровизиски идеали, се тарашкаш во калта на баналното секојдневие. Што фали со недели да мозгаме кој ќе победи, дали ќе има местенки, вмро воутинг, дали матрицата треба да се засили, каков нов аранжман треба да добие победничката песна, колку ждребот за редоследот ни е баксузен, како поинаку ќе не гледа ЕБРД ако добро се покажеме на фестивалот...

Мајко моја, како колективно да се убедуваме дека сме дел од цртан филм. Оти во цртаните филмови важи оној физички закон: секое тело може да лебди во воздух сè додека не стане свесно за тоа. Во цртан филм можеш цела провалија да поминеш само ако не знаеш дека немаш тло под нозете. Кога на којотот или на мачорот конечно ќе им текне да погледаат под себе, тие автоматски ја губат заштитата која дотогаш им ја нудеше блажената несвесност, и – вуууум!!! – паѓаат на дното и се прават крш.

Ако е така, драги мои читатели и за 12 поени повредни читателки, баталете го она мое мрсење за сиромаштијата. Видовте ли колку Каролина беше срцка?

 

12 мај 2017 - 10:31