Моето изненадување е од повеќе причини:
- Oд личност како Вас, признат врвен уметник во целиот свет очекував барем малку повеќе космополитизам и отвореност. Ние, музичките уметници ја имаме таа среќа да работиме една благородна професија која истовремено ни овозможува да патуваме низ целиот свет говорејќи на јазик (музичкиот) кој успева да ги сруши сите ѕидови и сите конфликти. Оваа уметност ни овозможува сите нас да бидеме обединети во едно големо семејство каде што културните разлики помеѓу народите претставуваат едно богатство на човечкиот израз.
- Во 1997 Вашето најпознато дело "Гркот Зорба" беше изведено во тогаш МАКЕДОНСКИОТ Народен Театар, денешна МАКЕДОНСКА Опера и Балет, заедно со МАКЕДОНСКАТА Филхармонија, во присуство на Претседателот Киро Глигоров и целокупниот државен врв на Македонија, настан пренесуван во живо од страна на МАКЕДОНСКАТА Радио Телевизија и грчката национална ТВ. Јас лично како ученик во средното музичко училиште во Скопје ги следев сите проби, а мојата мајка учествуваше во изведбата. Тогаш не се сеќавам дека имавте замерка да настапите во главниот град на Република Македонија диригирајќи лично со двата македонски национални оркестри и хор. Во таа прилика го посетивте и гробот на Зорба, кој се наоѓа во гробиштата во Бутел. Токму приказната за Зорба како историска личност и како книжевен лик, би можела да биде еден од позитивните примери и ‘адути’ за проникнувањата меѓу културите на балканските народи, но не како нов ‘мит’ туку како потстрек за барање на конструктивни решенија.
Ова мое обраќање кон Вас сакам да го завршам со едnа мисла на авторот на книгата за Гркот Зорба, славниот грчки писател Никос Казанѕакис, која гласи:
„Едно време ги делев луѓето на Бугари, Турци, Македонци и Грци, сега ги делам на добри и лоши. А еден ден и тоа нема да го правам, затоа што сите заминуваме во една иста почва…“
Со почит
Благој Нацоски