Конечно ја решив дилемата со цената на Те-То „Митилинеос“. Во договорот помеѓу Владата и „Митилинеос“ стои дека каматите ќе ги плаќа „Митилинеос“, што значи дека централата и тие ќе ја градат на кредит, а не со готови пари.
Манипулативно е тврдењето дека тие ќе инвестирале 290 милиони евра. Толку ќе изнесува конечната вредност на проектот, со се камати во сметководствените книги, но така не се искажуваат капиталните издатоци (Capital Expenditure - CapEx), односно вистинската цена на централата.
Во подолната табела се прикажани пресметките, а изведувањето на формулите со помош на финансиска математика можам да го направам пред нашите пратеници, пред да направат непоправлива и долгорочна штета за државата.
Појдовните податоци се следните:
- вредност на проектот, со се каматите: 290 милиони евра
- почетно учество на инвеститорот: 15% од CapEx
- каматна стапка: 7,5%
- Отплата: во 18 подеднакви годишни ануитети, започнувајќи од крајот на третата година од нултата година (почетокот на проектот)
- електрична моќност на централата: 145 MW (e)
Крајните резултати покажуваат дека:
- Капиталните издатоци (CapEx), односно вистинската вредност на централата, без камати изнесува 147,08 милиони евра
- сопственото учество, за подигнување на кредитот: 22,06 мил. евра
- износ на заемот (кредитот): 125,02 мил. евра
- вкупен износ на каматите: 142,92 мил. евра
- цена по единица моќност: 1,01 мил. евра/MW
Така работите доаѓаат на своето место. Цената е речиси иста како од кинеската компанија Шангај Електрик Груп Ко. Лтд., којашто ја градела Те-То „Панчево“ (0,95 мил. евра/MW).
Но најважно од сé е тоа што кредитот ќе го подигнат само со 22,06 милиони евра учество, а Македонија ќе им даде 50 милиони евра неповратна помош!
Второ, централата ќе генерира профит веднаш по изградбата и на тој начин ќе ги отплатува ануитетите, а на крајот ќе им остане на Грците. Со наше учество и со кредит што ние ќе им го враќаме, централата ќе биде нивна, а не наша!
Ќе бидеме принудени целото производство да го купуваме по загарантирана цена, под закана на пенали.
Ова уште покажува и дека Битиќи не разбира дека цената не е 290 милиони поради инфлацијата, туку поради каматите.
Ние пак, ако како држава не сме способни да одделиме 22 милиони евра учество за кредит (наместо за помош на Грците) и самите да инвестираме во градба според принципот „клуч на рака“, со изведувач избран на меѓународен тендер, тогаш не заслужуваме да постоиме како држава. Штетата е голема до небо, нема зборови за утеха.
Изборите се ближат, затоа масовно гласајте против оваа ненародна и штеточинска власт, за злото да не се врати никогаш повеќе!
професор Дејан Трајковски