Баравме да се јави рецепционерот? Се јави рецепционерот

Вчера објавивме видео од странци кои престојувале во хотелот на бродот на Вардар па меѓу добрите работи, тврдеа дека имало и лоша, тоа што на рецепција пробале да им наплатат екстра седум евра. Еве ја сега и другата страна на приказната, од прозваниот рецепционер (кој испадна рецепционерка). Најјако ни е што во едно нешто, таа се сложува со гостите.

повод: Рецепционерот да се јави на каса

Здраво г-дине Трендо,

Ви пишувам во врска со насловот на вашиот сајт "Да се јави рецепционерот на каса". Па еве, ви се јавувам на каса. Би сакала доколку е можно (а се надевам дека може), и мојата страна да биде објавена, затоа што секоја приказна си има 2 страни... Е сега, вие убаво сте го преземале тој видео запис и толку сочувствувате со таканарецените странци,греота биле лугето, јас сум ги "заклала 7 евра"...

Ок, еве ја сега и мојата страна на приказната, за која, скоро секој што е вработен во некаков вид угостителски објект ќе ме разбере и ќе ми верува дека е така... во поново време тоа се вика"модерен тип на рекет":

Ваквите типови на луѓе, од тоа живеат, сакаат лесно заработени пари иубав живот, така што буквално влегуваат по објекти, снимаат видеа, сликаат луѓе, предмети, буквално сè и потоа ги прикажуваат работите како нив им одговара, т.е уценуваат. Доколку не го добијат тоа што ќе го побараат, храна, пијалоци, пари назад... го прават ова... доколку го добијат,тогаш е обратно... Ужасно е што постојат вакви работи, ама поужасно е што постојат луѓе што веруваат во сè што ќе видат.

Мене лично, а ниту на хотелот не ни е дојдено до нивните 7 евра. Ним им беше објаснето сè убаво од каде би можела да се појави разликата во пресметките, кога плаќаат со картичка странство без физичко присуство (банкарски провизии од трансакции). Значи, не е вистина дека платиле на рецепцијата кај нас, па биле украдени.Гостите си имаа платено онлине преку booking.com. Ве молам замислете ние овде сите да ги крадеме така, мислите ли дека ќе имаме гости?

Едно се сложувам со нив кога типката вика „Што мислеа, дека сме идиоти?“ Да, сè уште мислам дека се.

Ве поздравувам и ви благодарам однапред на објавувањето. Не сум инфлуенсер и немам „that much followers“ ама барем нека прочитаат нашиве овде со какви типови на луѓе треба да се бориме во новово време што доаѓа.

Ве поздравувам....

Розета

************

Драга Розета,

Драго ни е што пиша за да ни ја кажеш твојата верзија на ситуацијата. Така се прави тоа. Обично знаат да ни пишат „да го тргнете тоа“ на што со голем ќеиф и ентузијазам реагираме со „нетргнување на тоа“.

Рака на срце, луѓе немаат многу причини да се сомневаат во странци дека овде некој пробал да ги заколе (цариник, цајкан, таксист, рецепционер, сексуална работничка, медиумски работник...). Имало ехехеј такви примери.

Од друга страна, јасно ни е за новиот рекет за кој зборуваш. Дека постојат лиглиња кои се закануваат со „ќе те постирам на Инста“ ако не им се направи некој ќеиф. Уште покоен Тони Бордејн (нека му е широка небеската трпеза) зборуваше за корисниците на Јелп (апликација за оценување ресторани, салони, забари) како едни од најмизерните суштества на планетава пошто знаат дека бизниси и егзистенции зависат од нивните оценки.

Читателите сега ги имаат двете страни, па кој во што сака нека верува. Ако нешто ти значи, пошто ни пиша вака нормално, ние повеќе ти веруваме тебе.

Трендо

23 јуни 2023 - 11:06