249

За да добијат пари за изборно рекламирање се имаат пријавено 249 портали. Не е поентата што има таму и шуто и рогато. Поентата е дека ќе се прават дубари со државни пари. Криминал. „Идејата е сите тие фејк портали да послужат за перење пари. Некои партии на таквите "портали" ќе им дадат пари за политичко рекламирање, а газдите на тие портали потоа (а најчесто и пред тоа) ќе ги вратат парите во партиите во кеш“, пишува Героски.

Цела година здружението Онлајнмедиа, практично без поддршка од другите, постари новинарски здруженија, се бори интернет медиумите (порталите) да станат дел од Законот за медиуми и да постои минимална регистрација на професионалните онлајн медиуми под одредени критериуми.

Многу енергија потрошивме и за убедување со претставници на ДИК, на Владата и на политичките партии, дека е потребно во Изборниот законик да се воспостават минимални критериуми за квалификување на порталите кои можат да претендираат на дел од "колачот" за политичко рекламирање во изборите.

Речиси сите ги игнорираа нашите конкретни идеи и предлози. Во сите разговори нè тапкаа по рамето, ни велеа дека сме во право, ни даваа вербална поддршка и - ништо не се промени.

И еве, сега го гледате списокот на медиуми и "медиуми"  кои ќе бараат пари за политичко рекламирање (се пријавиле 249 портали! - н.з.)

На списокот има "медиуми" што не постојат, односно воопшто не објавуваат ништо со години.

Има "медиуми" кои уште не почнале со работа.

Има и клонирани "медиуми". Една иста медиумска компанија пријавила два или повеќе домејни, кои меѓу себе се разликуваат по екстензија та (com, mk, net, tv и слично), како да се различни медиуми.

Има и разни други трик решенија.

Сите се проверливи, се разбира. Но, никој ништо нема да провери.

Идејата е сите тие фејк портали да послужат за перење пари. Некои партии на таквите "портали" ќе им дадат пари за политичко рекламирање, а газдите на тие портали потоа (а најчесто и пред тоа) ќе ги вратат парите во партиите во кеш. Да се најдат. Кампањата е скап спорт, има многу скриени трошоци...

Накусо, пред нашите очи се случува криминал. Не треба да си паметен обвинител или вешт инспектор да ги фатиш криминалците. Ги има таму, на списокот.

Ама, никој ништо нема да истражи.

Парите наменети за перење, ќе се исперат.

Новинарските здруженија се занимаваат со проекти за лажни вести, за медиумска писменост и со слични фенси теми, за кои се добиваат пари од странски извори.

Нашето најмоќно новинарско здружение се вика ММО - Македонска медиумска омерта.

Бранко Героски

ПС. Омерта е израз кој означува мафијашки завет за молчење.

3 март 2024 - 10:14