Кајсијата освен што е лоша српска ракија и боја за ѕидови, знае да биде и овошје. Сега ѝ е сезона и ја има во изобилие, па си викам да ја испоштуваме оваа бета-каротенска убавица.
Кога и да пробам кајсија, инстантно кркам благопријатни флешбекови и слични центархалфови од детството: у двор имавме 5-6 дрвја, па дедо ми печеше лоша ракија од нив, а баба ми цедеше домачи џус. Ја бев задужен за благосемките. Лепота. И да се опиеш и да замешиз, а богами имаш материјал и за трезнење.
Денес ќе скоцкаме едно летно десертче: мрзлива пита од кајсија.
Видаут фрдр аду, да започнеме со бербатење садови: Длабок сад, внатре 4 јајца. Матиме минута време. Потоа додаваме: 70 грама шеќер и 2 лажици мед. Можеби навидум изгледа дека ќе биде ‘тужно’ благо, но кајсијата кога се пече знае да ја разбуди киселоста. Така да, ќе избалансира. Покрај овие здбелувачки агенти додаваме и 200 мл. млеко од племето тетрапаци и 150 грама брашно. Миксаме, vol. 2. Доколку смесата на око ви е ретка, додајте уште една до две лажици брашно. И нема ништо страшно.
На ред е сад од овие со штипка шо му се тргаат ѕидовите и не знам како се вика. Не е куглоф, ама од таа тајфа е. Го имате на сликата. Врз дното поставуваме хартија за печење а врз неа ги уштипкуваме ѕидовите од садот. За не дај боже, да не протече како комшиска туш кабина. Дното и ѕидовите ги премачкуваме со путер.
На дното од садот додаваме половинки од нашата главна глумица, пропратена со две машки споредни улоги: ситно сецкани ореви и рузмарин. Рузмаринот и кајсијата у комбинација се Коби&Шек.
Зачинуваме со рузмарин и ванилин шеќер. Ги полеваме со смесата. Во рерна на 180, помеѓу 45 минути и саат, надгледувајте, секој шпорет си е приказна за себе. Чим е готова, остајте ја барем 45 минути да стегне, или ако сте нестрпливи, сместете ја во фрижидер.
Одлична летна заслада. Башка супер мезенце за уз некои џин, коњак, бело винце. Мора на сè да се мисли. Храна за возрасни ли сме, шо ли сме?!
На здравје друштво!
Кирил Стоименов - десертер