Немаме култура за базени а и од каде би ја имале, Скопје нема базени. Ми рекоа се отвориле некои ресторани со базени малку подалеку од градов каде што било многу добро за да го поминеш денот. Нормално, земав пешкирчето, собрав друштвото и правец на овие места да видам што е таа новост.
И не така далеку од Центар пристигнав во едно од двете такви дворчиња со базен. Зелено, тревичка, базенче, масички, паркинг, љуљашки за деца…одлично. Го викаат рибник. Се наместивме ние така на масите, расфрлавме деца со опрема за бањање, почнавме да се местиме- каде ташна, каде влечка, каде гума за пливање кога од некаде дојде келнерот. Само што мислиш дека ќе те послужи и ќе ти донесе мени, тој носи прирачник за користење на базенот. Прирачникот уредно искуцан со тежина на текстот левел-не си донесовме нотар со нас. Мора да се бањаш пред да влезеш во базенот. Добро, сите го знаеме тоа нема потреба да ја праиме Шутка и Топана атмосферава. Продолжува понатаму и ни чита како претседател на куќен совет пред точка разно. Не смеете да користите креми со заштитен фактор кога ќе се бањате. Значи децата се цел ден во вода без заштита од сонце, бидејќи е против правилникот на угостителскиот објект. Уште неколку точки за и околу базенот и на крај базенот може да го користат само гостите кои ќе јадат оброк.
Оброк. „Што риба имате во рибников?“ „Па нема риба имаме скара. Сега ќе ви го донесам менито.“ Донесе две страни правилник за нарачување на храната како и постапка за нарачување и услови за плаќање. Почнав веќе да се каам што не си земав адвокат со мене уредно да нарачам храна да не ја згрешам. Принципот е отприлика ваков- нарачуваш салата, месо од наведените пет порции и десерт. Добро, се договоривме кој што скара ќе јаде во рибникот и плаќањето е однапред. Бидејќи тие не ја готват храната ја нарачуваат. Ок, плативме за секого по 600 денари однапред и си викаме сега може ќе не пушти, аман, да седнеме да нарачаме вода барем. Седнавме нарачавме, пијачките ги плаќате на крај. Децата во базен, друштво муабет пијачка ауу... и стига салатата. Уште веднаш ооооо - Богот на услужливоста и пресмешните коментари во понатамошниот текст. Келнерот ни одржа еден патриотски говор дека салатата се вика егејска но дека Егејци не постојат, тоа се Македонци- значи салатата е македонска! Просто, исто ко него.
Тој простор исто се издава и за семејни веселби, а менито можело да се најде на фејсбук, исто и цените. Еј, на Фејсбук добро? Само што го слушам ова ми го одзема вниманието келнерот кој веќе се дере нешто на друштвото на маса. Знаев дека нешто згрешиле по некој член од законот на овој уставен дом во областа на угостителството. Децата кога се бањале прскале надвор и ги кваселе плочките! Не збори! Во шок и неверување го разгледувам местото. Си викам или е скриена камера или е немогуча мисија, нема трето. Во меѓувреме, дечињата што доаѓаа со родителите кои беа само на пијачка немаа пристап до базенот. Можеа само да гледаат иако беа во костимчиња за капење. Жалче левел девојчето со кибритчиња.
Почнав да мислам дека се плаќа однапред заради тоа што никој не би седел повеќе од два саата на таа услуга да чека јадење. Јадењето каснеше но за среќа стигна истиот ден. Ама не за сите во исто време, на пример кога едната половина од друштвото се најаде на другите тогаш им стигна храната. Нормално со две порции згрешени ама нема поправка. Башка келнерот те убедува дека ти не се сеќаваш што си нарачал. Ритуалот за храна е следен - на масата позади оставија порција храна за осите да оделе таму и нас да не ни летале.
Овој келнер гарант само за викенди е келнер, останатите денови работи во НАСА. Храната беше добра, плескавица со мирис на кафе што гори, пошто ни наредија на масата кандилца со кафе за да немало оси. Океј, сфативте, врие оси. Кафето изгоре, ниту тоа го сменија ниту пепељари истресоа а ниту нов прибор ни донесоа. Со вилушката и ножот од салатата во раце го дочекавме новиот тањир. После оброкот имавме десерт и после десертот кафе. Пола не го добивме кафето пошто прилично е тешко да се запамти колку макијато колку еспресо, а и прашање дали имаа доволно шољи.
Таму на другата страна уште едно толкаво друштво исто нешто се буни. Гарант се во право. Да платиме и си одиме. Стига сметка и вадиме картичка. Проблем левел крај на светот зашто не сме најавиле дека ќе плаќаме со картичка они веќе извадиле сметка и сторнирањето било многу комплицирана работа. Некако ја наредивме, се собравме така искарани, национално просветлени и подбрани од келнерот за наши пари и си отидовме дома. Епа не бива од секој двор кафана ни од секој рибник скараџилница. Убава е замислата но не се прави тоа со еден келнер и 789 правила за седење во нива со базен.
Е другиот па таков ресторан со базен на другиот дел од градот бил подобар. Нека, фала, ќе одам во Охрид. Таму бар сум спремна за ужасна услуга. Иако летово бев многу пријатно изненадена од услугата, а и шегите на охридските келнери се хилариус. „Видете, кај нас риба можете да нарачате на три начини. 1. по грамажа 2. да ми покажете со прстите колкаво парче сакате „еве волку“ и 3. според тоа колку пари имате. И јас ќе ви донесам што сакате“ Епа како да не го сакаш? ФМП.
Ина Многуфина