Групација Триглав во првиот квартал раст на премија и помала добивка

Непрекинати работни процеси на сите пазари, со акцент на здравјето на сите засегнати страни

Во текот на прилагоденото работење условено од пандемијата, Групација Триглав постигна раст на премија на поголемиот број пазари, во сите три сегменти од осигурувањето, и пресмета 10% поголема консолидирана бруто премија од осигурување (348,9 милиони евра) споредено со истиот период минатата година. Тримесечната добивка пред оданочување, во износ од 26,4 милиони евра, е за 12% помала од минатогодишната, што пред сѐ е последица на масовните штетни настани во првото тримесечје од годината (земјотрес во Загреб и невреме проследено со град во Словенија). Комбинираниот коефициент изнесува поволни 93,9%. Eкономското окружување под влијание на пандемијата предизвика пад на вредноста на финансиските инвестиции, што не влијае значително на деловниот резултат на Групацијата во првото тримесечје од годината. Врз основа на направените анализи, Групацијата подготви сценарија, во коишто се проценува дека во остатокот од годината е можно намалување кај одредени категории од работењето. Се предвидува дека поверодостојна проценка може да се обезбеди на полугодието од 2020 година. Според моменталните проценки на Групацијата Триглав, осигурителното и инвестициското портфолио се доволно отпорни, а позицијата на капиталот е соодветна, и може успешно да се справи со зголемените ризици, кои произлегуваат од актуелната ситуација. Со фокус кон клиентите, Групацијата Триглав останува посветена на својата визија за динамично развивање на нови начини на работа, коишто се темел на одговорен и долгорочен развој на Групацијата, додека истовремено работи профитабилно и безбедно. Во овие вонредни услови, Триглав на македонскиот пазар ги насочи своите активности кон обезбедување на услуги на клиенти од далечина, со цел да ги задоволи сите нивни потреби на безбеден начин.

Услови на работење и влијание врз деловниот резултат. Првото тримесечје од оваа година го одбележа пандемијата COVID-19, која предизвика влошување на економските услови, стрмоглав пад на меѓународните финансиски пазари и промени во деловните и финансиски услови на работењето. Со цел здравствена заштита на сите засегнати страни, Групацијата Триглав ефикасно го прилагоди начинот на работа на условите на поединечните пазари. Преку примена на повеќеканален пристап на продажба и поврзани дигитални и други решенија за работа од далечина, продолжи на клиентите да им обезбедува целосна палета на услуги. Реакциите на клиентите и спроведените мерења покажуваат дека клиентите се задоволни од услугите на Триглав.

Тримесечната консолидирана добивка пред оданочување на Групацијата Триглав изнесува 26,4 милиони евра и истата е за 12% помала од добивката во истиот период минатата година. Уделот на добивка пред оданочување, кој произлегува од осигурително-техничкиот дел на работењето, изнесува 15,3 милиони евра (индекс 78). Неговото намалување првенствено е последица на масовните штетни настани, заради кои што се зголемија резервациите за штети од имотни осигурувања во тој период. Добивката од финансиски инвестиции во осигурувањето, во износ од 10,8 милиони евра, од сметководствено гледиште е поголема во споредба со минатата година (индекс 132), што се должи на одредени прилагодувања во составот на портфолиото на животни осигурувања, додека пак приносите на инвестициското портфолио кај имотните и здравствените осигурувања очекувано се намалија како резултат на намалената добивка од продажба на финансиски инвестиции.

Претседателот на Управата на Заваровалница Триглав, Андреј Слапар изјави: „Иако економските услови се влошуваат, во првото тримесечје од годината не влијаеа негативно на премискиот дел од нашето работење. Проценуваме дека осигурителното и инвестициското портфолио на Групацијата Триглав се доволно отпорни, дека позицијата на капиталот е соодветна и дека можеме успешно да се соочиме со зголемени ризици, кои во економското окружување се предизвикани од страна на пандемијата на новиот корона вирус. Масовните штетни настани во првиот квартал од годината (земјотрес во Загреб и невреме проследено со град во Словенија) во споредба со минатата година, ја намалија тримесечната добивка. Таквите штети, особено доколку настанат во првиот квартал, предизвикуваат годишна волатилност на деловниот резултат, но проценуваме дека заради нашата годишна агрегатна програма за реосигурување, нема значително да влијаат на исполнување на годишните цели.“

Раст на премија и поволен комбиниран коефициент. Групацијата Триглав пресмета 10% поголема консолидирана премија од осигурување (348,9 милиони евра) споредено со истиот период минатата година. Нејзиниот раст во Словенија изнесуваше 6%, а на пазарите надвор од Словенија 17%. Премијата се зголеми во сите три сегменти на осигурување. Во сегментот на неживотно осигурување премискиот раст изнесува 8%, а раст има во поголемиот дел на имотни осигурувања. Премијата кај здравствените осигурувања е за 21% поголема, што првенствено е последица на зголемување на просечната премија минатата година. Заради поголеми уплати и успешна продажба преку банковиот канал, премијата за животни и пензиски осигурувања се зголеми за 11%. Масовните штетни настани го зголемија техничкиот резултат, што го влоши комбинираниот коефициент на Групацијата Триглав, кој и покрај тоа изнесува 93,9 проценти.

Инвестициско портфолио и средства во управување. Падот на цените на финансиските пазари предизвика негативен принос на големото инвестициско портфолио на Групацијата Триглав, кое изнесува 3,1 милијарда евра. Во таквите прилики, Групацијата Триглав се заштити преку конзервативниот состав на портфолиото, каде 73,6% отпаѓа на должнички хартии од вредност, од кои поголемиот дел се инвестирани во еврозоната и со високо квалитет. Дополнително, преку активно инвестирање, ги прилагоди уделите на поединечните класи на инвестиции. Со тоа, Групацијата зачува соодветна диверзификација на целокупното инвестициско портфолио, а обезбеди и дополнителна ликвидност преку зголемување на уделот на парични средства (индекс 164). Состојбата на финансиските пазари негативно влијаеше и на управувањето со средства на клиентите во заедничките фондови и на индивидуалното управување. Во однос на крајот на минатата година, опсегот на средства, управувани во взаемните фондови на Групацијата, се намали за 15% (изнесува 875,6 милиони евра), а за 9% се намали опсегот на средства под индивидуално управување со имот (74,7 милиони евра). При отежнати околности во работењето, Групацијата Триглав успеа дополнително да ја зацврсти лидерската позиција помеѓу друштвата за управување во сегментот на взаемни фондови во Словенија, а нејзиниот пазарен удел во првите три месеци од годината се зголеми за 0,3 процентни поени, со што обезбеди пазарен удел од 34,2%.

Ефикасност на трошоците. Вкупните трошоци во работењето во доменот на осигурување во првото тримесечје изнесуваа 64,3 милиони евра. Нивниот раст од 5% е помал од планираното ниво, и првенствено предизвикан од поголемите трошоци за аквизиција и трошоци за работа заради раст на премијата од осигурување. Растот на трошоците за работа заостана зад премискиот раст, затоа дополнително се намали нивниот удел во премијата, и тоа за 0,8 процентни поени, на 18,4%.

Претседателот на Управата на Заваровалница Триглав, Андреј Слапар изјави: „Во Групацијата Триглав делуваме во насока на својата визија, преку фокусираност на клиентите, динамично развиваме нови начини на работење, кои се темел на одговорниот долгорочен развој на Групацијата, додека истовремено работиме профитабилно и безбедно. Досегашните стратешки развиени решенија ги применуваме максимално, развиваме нови, во својата работа остануваме посветени на темелните стратешки насоки, меѓу останатите - постигнување на долгорочна, стабилна економска профитабилност. Моментално работиме во прилично непостојана средина полна со предизвици, со присуство на неизвесност по однос на прашањето за економските последици од пандемијата и нејзиното времетраење, што во овој момент оневозможува проценка на исполнување на планот. Засега претпоставуваме дека проценка ќе биде возможна при објавување на полугодишниот резултат од работењето.“

Групацијата Триглав на македонскиот пазар
Компаниите на Групацијата Триглав на македонскиот пазар во првиот квартал од 2020 година работеа добро.

Триглав Осигурување во дадениот период оствари бруто полисирана премија, во износ, нешто поголем од 5 милиони евра. Дел од приходите по основ на осигурителна премија во првите три месеци беше одложен за периодот којшто следи, заради специфичноста на осигурувањето. Според последните официјални извештаи, компанијата ја одржува својата лидерска позиција на пазарот на неживотно осигурување, а овој квартал го заврши со адекватност на капиталот од 426%, што е речиси 8% повеќе споредено со крајот на 2019 година.

Триглав Осигурување Живот првиот квартал го заврши со поголема бруто полисирана премија (индекс 136) споредено со истиот период минатата година, додека пак Триглав пензиско друштво за 7% ги надмина планираните средства во Триглав задолжителен пензиски фонд.

„Овој квартал беше полн со предизвици за сите нас. За прв пат се соочивме со пандемија, изменет начин на живот и работење заради социјално дистанцирање и карантин, што доведе до неизвесност. Меѓутоа, Триглав навремено ги насочи активностите на своите компании кон обезбедување на непрекината услуга на клиентите во сите домени на осигурувањето. Внимателно го следевме развојот на настаните, и ги прилагодувавме своите активности во согласност со препораките на надлежните институции, со цел да го превенираме ширењето на пандемијата и со тоа да ги заштитиме своите вработени и клиенти. Во доменот на животно осигурување, во овој квартал влеговме на пазарот на банкоосигурување, започнувајќи соработка со ТТК Банка. Нашиот фокус останува на непречено функционирање на компаниите и достапност на услугите на клиентите, кои се наш приоритет.“ во оваа прилика изјави Главниот извршен директор на Триглав Осигурување, Ѓорѓе Војновиќ.

(Комерцијален текст)

 

15 мај 2020 - 14:06