За ланските снегови на Климентина

Имаме среќа што денес нема негде објавено дека воздухот е радиоактивен. Додека за тоа се свестат „напредните“, пепел ќе се сториме.

Нема да кажеме дека „социјалните мрежи вријат“ или дека „Фејсбук и Твитер се разбрануваа“ пошто тоа се глупи формулации што им служат на мрзливи новинари за да постават прашање (aко решиш да имаш само 12 ФБ-френдови, ништо не врие, верујте).

Но факт е дека преку тие мрежи некако одново се актуелизира содржината на книгата „Снеговите на Климентина“ од Горјан Петрески, за која во Букбокс читанка се пишуваше на Офф.нет. Па и добронамерни читатели и пријатели нè прашуваат што било, од кај сега ова, дали може да го јадеме...

Дечки, лабаво. Тоа не е ни лански снег. Статијата е напишана и објавена на 12 февруари 2013 година (види овде), а во тоа време дадовме доста простор и за реакции и полемики околу темата (види овде).

Тоа е она што секој може да го дознае со стандардно познавање на интернетот (статиите имаат датум, сајтот има пребарувач). Немаме ништо против тоа што прашањето се актуелизира, само малку ни е смешно кога тоа - со 4-годишно задоцнување - го прават и смарачки ликови што се имаат самопрогласено за везден свесни и будни над вистинските прашања.

А кога сме веќе тука, за нешто што не можевте да го знаете. За истиот тој текст ние истргавме еден прилично мачен повеќегодишен судски случај. Затоа што авторот (Je Suis Gorjan) ги тужеше авторот (Je Suis Ilina) и уредникот на сајтот (Je Suis Trendo) притоа барајќи од Трендоленд да му плати некои 15.000 евра за душевни болки, или како веќе оди тоа.

15.000 евра за рецензија на книга. Па браво. Ако нè добиеше, фино лепо ќе затворевме дуќан и ќе теравме крави на испаша околу Дојран или Ѓавато. Ама го добивме. На суд, па на Апелација.... не знаеме дали и што моментално се смислува за истото, јер ваљда постои Врховен, Стразбур, Хаг, судот на Стар ворс...

Додека траеше спорот, не пишувавме за тоа јер ни е мрско да сме жртви и да цвикаме како некој нè тужи за слобода на говор и бара пари таман за да нè сјебе, а кога го добивме, не пишувавме за тоа што од немукает што од - овде дефицитарното -  чојство кон поразениот.   

Тоа е приказната, дечки. Како што не е злато сè што сјае, не е ни ново сè околу кое се дига џева. И да знаете, колку и да е нешто хепиенд, секогаш ќе ве копка како ќе изгледаше тоа другото, со кравите.

Трендо

21 февруари 2017 - 12:33