
Постојат многу причини луѓето да се откажат од месо и млечни производи – здравствени, еколошки или морални. Но и покрај тоа, месото останува силно присутно во исхраната, особено кај мажите, кои во просек јадат повеќе месо од жените и поретко преминуваат на вегетаријанска или веганска исхрана.
Ова отвора едно прашање: дали постои врска меѓу јадењето месо и перцепциите за машкост? Дали митот за праисторискиот ловец и понатаму живее во модерните ресторани и вртењето скара за викенди и празници?
Ново британско истражување со повеќе од 1.000 мажи открива дека идеите поврзани со „избегнување на женственост“ и социјален статус често се врзуваат со повисока консумација на месо. Мажите кои силно се идентификувале со традиционални машки норми почесто јаделе црвено месо и живина, и биле помалку подготвени да се откажат од месо или млечни производи.
Кога овие „месојадни“ испитаници учествувале во онлајн дискусии, дел од нив тврдeле дека родот нема никаква врска со нивниот избор на храна: „Тоа е само храна, нема машка или женска храна.“ Но други признавале дека жените околу нив почесто избегнуваат месо, а некои дури и почувствувале социјален притисок да нарачаат стек или месно јадење кога јадат со „алфа мажи“.
Во статија произлезена од истражување, научниците укажуваат дека месото сè уште се доживува како симбол на моќ, сила и статус, што создава бариери за пошироко прифаќање на растителна исхрана. Авторите забележуваат дека во култури каде што машкоста е силно врзана со „доминација и физичка сила“, луѓето поретко се откажуваат од месо, дури и ако се свесни за климатските и здравствените придобивки од тоа.
Интересно е што студијата нагласува дека „месната машкост“ е културен конструкт, а не биолошка нужност. Со промена на наративите – на пример, промовирање на растителна исхрана како знак на одговорност, современост или грижа за семејството – можно е да се надмине отпорот кај мажите. Ако месото е „машко“ поради традиција и социјални очекувања, тогаш решението не е само во нутриционистички совети, туку и во менување на симболиката што ја носи храната.