Историскиот епски филм на Ридли Скот „Наполеон“ премиерно ќе биде прикажан во кино салите на 22 ноември, а потоа глобално ќе биде пренесуван на Епл ТВ+. Главната улога на францускиот император и воен лидер му е доделена на Хоакин Феникс.
Феникс претходно има соработувано со Скот на хитот „Гладијатор“ од 2000-тата. Сепак, новиот филм нема да биде целиот лоциран на бојното поле. Паралелно со епските битки, тој ќе навлезе и во турбулентната врска на Наполеон со сопругата, Жозефина, која ќе ја игра британската актерка Ванеса Кирби.
Ноември секако не е залудно одбран како термин за премиера бидејќи на тој начин филмот може да влезе во трката за големите награди. Епл сè поагресивно навлегува во кинематографијата и наводно е заинтересирана за инвестирање на повеќе од 1 милијарда долари на филмови кои ќе дебитираат на големото платно пред да бидат достапни за стриминг. Освен „Наполеон“ Епл ќе го поддржи и „Убијците на цветната месечина“ со Леонардо ДиКаприо, Роберт де Ниро и Лили Гледстон.
Медиумите кои известуваат за „Наполеон“ вклучуваат и појаснување дека не се работи за мини-серијата на Спилберг врз основа на сценарио на Стенли Кјубрик (за што во 2013 пишувавме тука), туку за посебен проект. Инаку Кјубрик во 1970-тите првично планирал голема продукција со повеќе од 40.000 статисти, со Џек Николсон како Наполеон (е тоа ќе сакавме да го видиме!) и Одри Хепберн како Жозефина Бонапарта.