Жабите-женки лажираат смрт за да одбегнат парење со непожелен партнер

Тоа што денес е 8 март можете да го поврзете или не со насловот. Но очигледно природата смислила начин како живите суштества од женски род да се одбранат од поагресивните, а несакани машки партнери - ако не поинаку, а тогаш со лукавство.

Кога станува збор за несакани додворувачи, некои жаби преземаат драстични чекори - глумат дека се умрени.

Истражувачите на оваа тема велат дека наодите фрлаат нова светлина врз Европската обична жаба (Rana Temporaria), чии женски единки не се толку пасивни при парењето колку што се мислело претходно. 

Доктор Каролин Дитрих, прва авторка на студија на оваа тема од Природно-историскиот музеј во Берлин, го опишува спроведениот експеримент, во кој една машка жаба била ставена во кутија со две женки - една поголема и една мала. Потоа нивното однесување било снимено со камера. Рeзултатите, добиени од 54 женки кои биле „заграбени“ од машкото, откриле дека 83% од нив се обиделе да го ротираат своето тело. Од нив 48% емитирале повици за спасување. А кај 33% од сите женки се појавила „тонична неподвижност“ - здрвување на екстремитетите поставени во поза која потсетува на мртво тело. 

Сите три тактики, ротирањето, испуштањето звуци и на крај глумењето смрт биле користени почесто од помалите женки. 

Интересно е што ваквата неподвижност била регистрирана и претходно, во книга напишана во 1758 од Ресел фон Росенхоф. Но од тогаш никој не ја спомнал. 

Тимот вели дека неподвижноста може да е реакција на стрес, на жаби кои се помлади (па оттаму и физички помали) и кои не се подготвени „психолошки“ за репродукција (ова под наводници бидејќи тоа е наше толкување). Глумењето смрт резултирало со бегство на 25 од спомнатите жаби. 

Има и други толкувања, како на пример дека ротирањето е тест за издржливост и упорност на мажјакот. Но сето ова покажува колку зборот „вообичаена“ во името на жабата е всушност - необично. 

8 март 2025 - 10:01