„Замотана“ Триумфална порта: остварување на сонот на Кристо

Работите на прекривањето на портата започнаа по Денот на Бастиља, 14 јули, со тоа постхумно остварувајќи го проектот на уметникот и неговата сопруга кои тие го замислувале уште во 1962.

Христо Владимир Јавачев, попознат по своето уметничко име Кристо, беше најпознат по инсталациите кои изгледаа како огромни „пакети“, цели објекти покриени како за варосување. Тој и неговата сопруга „замотуваа“ морски брегови, карпи, острови, а како најспектакуларно до сега се смета покривањето на зградата на германскиот парламент во Берлин во 1995.

Кристо почина во мај 2020, и зад себе остави неколку неостварени проекти, меѓу кои и покривањето на Триумфалната порта во Париз. Наскоро ќе започне нејзиното замотување со 25,000 метри квадратни сина полипропиленска ткаенина, која може да се рециклира, и 3,000 метри исто така еколошко црвено јаже.

Првите планови на Кристо и неговата сопруга Жан-Клод за ваквата инсталација биле направени во 1962, кога тие двајца изнајмувале мала соба близу споменикот. Идејата е актуелизирана во 2017 и одобрена од градските власти на Париз и Центарот за национални споменици кое е одговорното тело.

Во 1985 Кристо го прекри Пон-Неф, еден од мостовите преку Сена. „Откривањето“ на покриениот споменик се планира за почетокот на септември. Целиот проект ќе чини 14 милиони евра и е целосно самофинансиран од наследниците, со продажба на дел од оригиналните дела на Кристо.

Освен пандемијата, проектот до сега беше одложуван и поради пролетното гнездење на ветрушките, постојани жители на Портата.

16 август 2021 - 14:07