Пиле ко пиле - во случајов црно со бели точки, со препознатлив начин на црцорење и „муабетење“, кое се групира во јата од илјадници птици. Се претпоставува дека вакви сколовранци во САД има над 200 милиони, и тие можат да се сретнат од крајниот север, на Аљаска, до југот, во Мексико. Колку и да се бројни, тие сепак не се домородни за ова тло. А за нивното доаѓање на овој континент е виновен никој друг, туку Шекспир.
На 6 март 1890, еден њујоршки фармацевт по име Јуџин Шифелин незнаејќи предизвикал природна катастрофа со тоа што во Централ парк ослободил шеесет сколовранци, увезени по висока цена од Европа. Ова било дел од негов поамбициозен план, да ја донесе на американско тло секоја птица која се спомнува кај Шекспир. Американското здружение за аклиматизација, на кое му припаѓал, одлучило да му помогне, со тоа што претходно веќе донело славеи и полски чучулиги од „стариот континент“, но ниту еден примерок не преживеал.
Ама сколовранците се покажале помангупи. Толку брзо и толку многу се размножиле, што почнале да ги потиснуваат домородните птици, заземајќи им ги гнездата. Истовремено, им наштетувале на полињата со жито и пренесувале птичји, животински, па дури и човечки болести. Во нивниот измет може да има габа наречена Histoplasma capsulatum - спорите од неа потоа се пренесуваат низ воздух и тие можат да предизвикаат хистоплазмоза, која во ретки случаи доведува до слепило или смрт.
Луѓето брзо сфатиле дека ова не оди на арно и почнале акции за „требење“ на овој вид. Во Конектикат во 1914 жителите се обидувале да ги избркаат птиците од гнездата со тоа што врзувале кукли-мечиња на дрвјата и фрлале петарди низ гранките. Белата куќа се обидела со звучници кои емитирале звуци на був. Следеле пукање, труење, поставување стапици и плашење на птиците, но до денес нивната популација уште расте.
Каква врска има ова со серијата на Нетфликс, „Озарк“? Таа се однесува на класни, криминални и други проблеми, а се одвива во време на современа економска стагнација во САД, и начинот на кој ранливата економија се потпира на „валканите“ пари. Ликовите во неа се постојано должни некому, во пари или во услуги, и се уценети поради тоа.
Едни од нив се членовите на семејството Брд (Byrde) кои се доселуваат во малото место Озарк во Мисури, сместено на бреговите на вештачко езеро, каде таткото, Марин Брд, треба да испере огромно количество пари за мафијата. Во спротивно, целото семејство ќе биде убиено.
Во седмата епизода од првата сезона, малиот син на Мартин, Џона, почнува да се опседнува со птици. На ужас на неговите родители, се обидува да привлекува лешинари користејќи мртви тела на убиени животни. И иако делува како прилично мирно и послушно дете, гледајќи видеа за сколовранците решава дека негова мисија ќе биде нивното истребување...со пушка.
Симболиката на оваа парабола е прилично јасна во контекст на серијата - светот е составен од лешинари и инвазивни суштества кои имитирајќи го однесувањето на „домаќините“ сакаат да заграбат територија и да уништат сè што е туѓо. Презимето „Брд“ e хомоним со „брд“ (птица) и тоа веројатно не е случајно. Дали Брд-ови се од лешинарите или од сколовранците? Или се птици осудени на истребување?