Историја на еден звучен ефект

Вресокот на Вилхелм

И не е само оној на Мунк, и не е само оној од Психо - крици, врисоци и извици си се стандарден дел од секоја филмска архива на звучни ефекти. Сега овие од Холивуд сакаат конечно да го сменат оној кој го имаат користено дури 60 години.

На конкурс кој ќе трае до 15 ноември, а кој се одвива преку Твитер хаштагот #hallowscream, се бараат што поморничави врисоци, кои би го замениле веќе прекористениот „врисок на Вилхелм“ - 60 години стариот звучен ефект кој се има појавено во повеќе од 200 филмови, и е веќе работа на потсмев во филмската индустрија.

Тој прв пат бил вриснат во 1951, во филмот „Далечни тапани", во сцена каде еден човек е гризнат од алигатор, но името го добил по воен филм од 1952, каде го испушта извесен војник Вилхелм непосредно пред смртта. Тој бил толку впечатлив што тонскиот инженер Бен Барт го има користено во сите негови продукции, од Војна на ѕвездите до сите филмови за Индијана Џонс.

И неговите наследници на полето на филмскиот звук продолжиле да го користат, па тој може да се чуе и во современите Up, Toy Story и Twilight: New Moon.

Ако ви се вреска, снимете се (аудио, а може и видео) и испратете им го преку спомнатиот хаштаг во компанијата De Wolfe, која обезбедува врисоци, крици и друг вид врева за филмската индустрија последниве сто години. А еве како звучи оној на Вилхелм во различните филмови во кои е употребен. Всушност со години сме го слушале истиот вресок, само од различни филмски усти.

31 октомври 2013 - 13:05