Не мора да бидете верник, уметник или научник за да знаете дека светот и она што тој го содржи е повеќе од 3Д искуство. За да ја дознаеме „вистината“, единственото што е потребно е да се логираме. Ги поминуваме деновите зјапајќи во монитори, комуницирајќи со луѓе кои можеби никогаш нема да ги сретнеме во живо. Младите се пораснати онлајн и ја сметаат оваа арена како позначајна од онаа на „реалниот“ свет. Во Кина има растечка група која се нарекува „дводимензионалци“, бидејќи тие работат, купуваат, добиваат информации и водат социјален живот без физичка интеракција со другите. Ова ќе стане сè побизарно кога метаверзумите ќе почнат да нудат алтернативна реалност.
Но ајде да се запрашаме - ако сте се спријателиле со некого кого никогаш го немате сретнато, како знаете дека тој не е мртов?
И денес има апликации кои можат да го ре-креираат саканиот починат, доволно за тој да може да испраќа пораки и мејлови, дури и гласовни пораки (како во епизода на „Блек мирор“). А ако обајцата сте влегле во метаверзумот во форма на аватари, нема причина зошто „мртвиот“ аватар да не може да продолжи да го прави тоа. Технологијата веќе ја менува нашата врска со смртта и ќе продолжи да го прави тоа. Теоретски, никој не мора да умре. Теоретски, секој може да биде „воскреснат“. Ние можеме да си бидеме духови на самите себе.
Луѓето се ужаснати од смртта, па прашањето е - дали овој технолошки развој ќе ни овозможи да ги одбегнеме психолошките последици од оваа помисла или ќе ни даде нови начини да полудиме?
Додуша, ние веќе правиме сè за да избегаме од нашето биолошко постоење - повеќето луѓе не ги ни користат физичките тела што ги имаат освен за основните фукции, а голем број од нас би сакале да бидат ослободени од тела кои се гнезда на разочарувања и гадење.
Веројатно полека но сигурно се движиме кон нематеријален живот и свет за кој религиозните ни имаат кажано дека претставува ултимативна вистина. Само што овој пат нема да мораме да умреме за да го доживееме.
Постојат куп хорор приказни за зли духови кои ги имитираат тазе починатите. Какви ли духови ќе се инфилтрираат во метаверзумот? Како ќе знаеме дали некое суштество присутно таму претходно имало биолошко јаство или не? Дали би можеле духовите на мртвите да го хакнат овој свет? Со сигурност тоа би било по „јузер-френдли“ место за нив. Метаверзумот постои, но истовремено не зазема физички простор. Духовите постојат (можеби), но тие немаат физичко себство. Значи...
Откако строгата граница помеѓу „реалниот“ свет и другите светови ќе стане пропусна, тогаш дали си жив или не веќе не е важно. Кога физичкото тело ќе стане опционално, тогаш што ќе биде со духовите?
Сеништето е дух на мртов човек. Аватарот е дигитален близнак на жив човек. Но ништо од тоа не е „реално“. Со други зборови, ние ги мешаме супстанцата и (во Платонова смисла) сенката. Шекспир тоа го има кажано на овој начин во сонетот 53: „Од што си создаден, од каква суштина тенка, штом милиони чудни сенки тебе ти годат?“. Притоа, „суштина“ тука може да означува човек. Или пост-човек. Или аватар. Или - дух.