Во одбрана на „блесава“ наука

Ако од уметниците се очекува да експериментираат со четки, а од музичарите со инструменти, тогаш и научниците мора да имаат „простор за игра и креативност“. Ова е главната порака на нова забавна и поучна книга која нè води низ чудните и љубопитни умови што се осмелиле да прашаат „зошто?“.

Kaрли Ан Јорк е бихејвиорист за животни, што значи дека проучува како животните влегуваат во интеракција со својата животна околина. Истовремено, таа е активна на полето на популаризација на науката, со јутјуб програми и подкасти во кои раскажува за тоа како патот до научно откритие честопати не е линеарен. Од стаорци што намирисуваат туберкулоза и нагазни мини, преку жаба која изгледала удобно левитирајќи во воздухот и со тоа предизвикала голем пресврт во физиката, до научници кои проучувале како уринираат слоновите – сето тоа на прво слушање делувало откачено и непотребно, но подоцна се покажало токму обратното, како извор на нови и важни сознанија.

Нејзината нова книга под необичен наслов „Топот со лососи, левитирачката жаба и други сериозни откритија на блесавата наука“, која излезе пред само неколку денови, е опишана како темелно истражена, но исклучително читлива. Меѓу другото, дознаваме како знаењето за гениталиите на патките го променило нашето разбирање за еволуцијата и сексуалната селекција.

Меѓу приказните е и онаа за еден микробиолог кој забележал алга што успевала во зовриените води на Националниот парк Јелоустоун, што на крајот довело до создавање на сеприсутниот PCR тест, особено користен во текот на пандемијата со КОВИД-19. „Топот за лосос“ во насловот се однесува на вакуумски уред, сличен на онаа цевка во банки за пренос на пораки во цилиндрична „тутурутка“, кој ги исфрла лососите преку браните за да можат непречено да стигнат до местата кадешто се мрестат.

Во ера на намалување на трошоците за основно истражување во корист на применетото истражување, и среде постојано поставуваните прашања зошто даночните обврзници треба да финансираат истражувања кои изгледаат необично, оваа книга е духовит и вешто претставен одговор на прашањето - затоа што тие се важни. 

Види претходно: „Златна гуска“ - награда за научни истражувања кои на почетокот делувале блесаво

23 јуни 2025 - 17:01