Астрономите за првпат открија едноставен природен шеќер во огромен облак од прашина и гас во близина на центарот на Млечниот Пат. Станува збор за еритрулоза – соединение што природно се среќава во малини, а се користи и во козметички производи за самопотемнување. Откритието не значи дека некаде во вселената постои живот, но покажува дека молекули важни за неговото настанување можат да се создаваат и далеку од планетите.
Научниците сметаат дека еритрулозата настанува преку хемиски реакции на ситни честички меѓуѕвездена прашина, дури и при екстремно ниски температури од околу -250 °C. Подоцна овие соединенија можат да стигнат до планетите преку комети, астероиди или меѓупланетарна прашина.
Ова е првпат ваков шеќер директно да биде откриен во меѓуѕвездениот простор. Досега научниците пронашле шеќери само во метеорити и на астероидот Бену, но не и во облаците од гас и прашина меѓу ѕвездите.
Истражувачите сметаат дека кога Земјата била постојано погодена од астероиди и комети, милиони тони вакви органски соединенија можеле да паднат на нашата планета. Тие можеби придонеле за создавање на т.н. пребиотска „супа“, од која подоцна се развиле првите молекули неопходни за живот.
Едноставните шеќери, како еритрулозата, не служат само како извор на енергија. Тие можат да учествуваат и во создавањето на рибонуклеотиди – градбените елементи на РНК, која според многу научници била првиот носител на генетската информација пред појавата на ДНК.
Ова откритие ја зајакнува можноста основните состојки за живот да се создаваат на многу места во вселената. Сепак, истражувачите истакнуваат дека иако ваквите молекули можат да стигнат до различни планети, сè уште не е познато како точно од нив настанува живот.
извор