„Вниманзитет“ - нов бран активизам кој во одземеното внимание гледа не само личен туку и политички проблем

Во последниве десетина години се појавија голем број книги кои се занимаваат со тн. „економија на вниманието“ - како таа се (зло)употребува од бизнисите и колку лесно всушност човек станува не-внимателен под нивно влијание. На таа листа сега се приклучува и книгата „Attensity!“ (Вниманзитет!), манифест на група што се нарекува Пријатели на вниманието. Таа нуди многу широка визија за тоа како може да изгледа колективниот отпор: грижа за бонсаи, столарство, играње друштвени игри, читање книги.

За филмаџиката Алиса Ло, „будењето“ во врска со тоа кој и како ни го одзема вниманието се случило пред околу десет години, кога студирала бизнис на Универзитетот во Њујорк. „Сите зборуваа за внимание, но никогаш не го нарекуваа така“, вели таа. Наместо тоа, биле користени термини како „време поминато на уред“, „ангажман“ или „број на прегледи“. Бизнис-светот, според Ло, развил софистицирани начини за мерење и монетизирање на вниманието, во време кога оние вон тој свет воопшто не биле ни свесни за процесите што стојат зад оваа пракса. 

Денес, во 2026 година, поимот „економија на внимание“ е веќе општоприфатен. Свеста дека таа економија ни штети создаде цела мини-индустрија: кутии за заклучување телефони, дигитални кампови за „детокс“, апликации што контролираат други апликации. И, секако, книги - во последниве години се појавија десетици наслови што предупредуваат на истата опасност.

На таа листа сега се приклучува и книгата „Attensity!“ (Вниманзитет), манифест на група што се нарекува Пријатели на вниманието. Книгата, со впечатлива црвена корица, треба да излезе наскоро, а нејзините уредници — Алиса Ло, нејзиниот партнер Д. Греам Барнет и Питер Шмит — имаат амбиција таа да стане „тивка пролет“ на нашето време, алудирајќи на легендарната книга што го поттикна еколошкото движење.

„Пријатели на вниманието“ не се класична организација. Таа е опишана како „коалиција на доброволци“, со околу стотина луѓе вклучени на различни начини, од кои дваесетина директно придонеле за книгата. Нема формално членство, ниту списоци. Движењето се формирало делумно од уметнички и перформативни кругови, а делумно како реакција на политичките настани, особено по изборот на Жаир Болсонаро во Бразил во 2018 година. Многумина учесници на тогашното Биенале во Сао Паоло сметале дека демократските процеси биле поткопани преку манипулација со внимание, дезинформации и социјални мрежи — сценарио веќе видено и во други земји.

Од таа загриженост произлегла идејата дека вниманието не е само личен, туку и длабоко политички проблем. Во 2023 година, групата ја основала Школата за радикално внимание Стротер, во Бруклин, каде што се одржуваат работилници и курсеви за активизам, амбиентална музика, урбана флора, па дури и хипноза.

„Attensity!“ тврди дека проблемот не е во нашата индивидуална слабост или наводна зависност од телефоните. Според авторите, начинот на кој ја разбираме сопствената концентрација е обликуван од истражувања финансирани од војската и рекламната индустрија, кои го сведуваат вниманието на гледање во екран и кликање. Но, вниманието, велат тие, е многу поширок, подив и покреативен феномен.

Како примери за општествена промена, книгата ги наведува борбата против тутунската индустрија, промовирањето на физичката активност и развојот на еколошкото движење. Како што поимот „екологија“ со текот на времето станал општоприфатен, така авторите се надеваат дека и „attensity“ — слободно движење и споделување на вниманието во неговата целосна форма — ќе стане нешто што вреди да се брани.

Дигиталниот детокс, признаваат тие, веќе стана клише. Но, според Ло, во свет каде што индустрија вредна трилиони долари се бори за секоја наша секунда, решението никогаш нема да биде само личната дисциплина. Книгата нуди многу широка визија за тоа како може да изгледа тој заеднички отпор: грижа за бонсаи, столарство, играње друштвени игри. Според авторите, активисти за внимание има насекаде - прашање е само дали ги препознаваме и дали сме ние едни од нив. 
 

27 јануари 2026 - 13:37