Гледаш-сфаќаш

Визуелен речник на филозофијата

На Станфордската енциклопедија по филозофија ѝ се потребни 28.250 зборови за да го објасни концептот на релативизам. На Џенис Карерас му е доволен само еден цртеж.

Популаризацијата на филозофијата е суптилна работа, бидејќи секогаш постои опасност од вулгаризирање и разводнување на нејзините идеи. Од друга страна, што ќе ти е филозофска идеја ако ти стои на највисоката полица и ти фаќа прашина?

Во рубрикава на два пати претставивме книги кои се обидуваат да ја популаризираат филозофијата низ графичкиот медиуми - „Филозофи во акција" и „Логикомикс". Еве уште една под наслов „Филографики: големи идеи во едноставни форми", во која младиот графички дизајнер Карерас, кој е роден во Каталонија а живее во Лондон, се обидува низ само еден цртеж да ја долови суштината на дури 95 филозофски правци како егзистенцијализам, реализам, холизам итн.

Некои од примерите се ептен на „прва топка" (ако позитивизам е плус, нихилизам е икс, а редукционизам минус?), а најголемата замерка ја упатуваме кон симболот за хедонизам. Aj што е хетеросексуално машки, ама никако не може да биде ни триаголник, затоа што не смее да има рабови од кои би можел да се удриш, или агли во кои може да дреме некој демон. Но други се пак ептен погодени, како скептицизмот на пример.

Интересно е што целата идеја е остварена преку донации на Кикстартер, а се освен книга се планира и комплет картички во кутија, како некој вид игра или потсетник. Иако на почетокот авторот се надеваше на 15.000 фунти на крајот собра дури 65.000.

Повеќе за авторот и другите негови проекти тука.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

16 април 2014 - 09:19