Ви се чита книга од 21.450 страници?

Се води како најдолгата книга во еден том, а од неодамна е во продажба, со ограничен број примероци. Станува збор за дел од манга серија, која е намерно направена за да биде физички нечитлива, со што е повеќе како скулптура. Еден примерок е 2000 евра.

Еден том од мангата One Piece, која е излезена во ограничен број примероци, е прогласена за најдолгата книга на светот. Велат дека со нејзините 21.450 страници човек не е можно физички да ја прочита (освен ако баш не реши да седи на земја и да ја врти), со што таа повеќе претставува некој вид „скулптура“ отколку книга. Цената на примерок е околу 2000 евра.

Таа додуша не се води како дело на Еичиро Ода, писателот и уметникот зад мангата која во серија излегува во јапонското списание Шонен Џамп секоја недела од 1997. Како автор е наведен Илан Мануач, мултидисциплинарниот уметник кој го има дизајнирано овој конкретен том.

Тој го испринтал дигиталното јапонско издание на мангата и го подврзал, третирајќи го стрипот не како книга туку како „вајарски материјал“. На овој начин според него се материјализира екосистемот на онлајн дисеминација на стриповите. И иако ова звучи како опскурна стилска вежба, првите 50 примероци се продадени веднаш откако излегле на 7 септември.

Практично, Мануач протестира против големата дигитализација во индустријата на стрип што влијае врз исчезнувањето на старите добри цртачки вештини. Создавајќи книга која не може да се прочита, тој го акцентира постоењето на стриповите и како предмети за широка потрошувачка и како книжевност. 

Не е јасно дали Еичиро Ода ќе добие нешто за авторските права, но неговата серија стрипови веќе го имаат направено најбогатиот манга креатор на сите времиња, со богатство од околу 200 милиони евра. Неговата оригинална One Piece е вклучена во Гинисовата книга на рекорди како серија со најголем број копии од ист и единствен автор, со повеќе од 416 милиони примероци до денес. 

20 септември 2022 - 19:23