„Проектот" се нарекува „Уметникот е понизно присутен", а ќе се одвива на 30 и 31 јануари од 13-18 часот во галеријата Кристофер Статут во Њујорк. Леви ќе биде целосно гола, неподвижна и безгласна. Веројатно, со оглед на снеговите во Њујорк, ќе си понесе греалка.
Не само насловот, туку и целиот концепт е директна асоцијација и критика на перформансот на Абрамовиќ од 2010, кој според Леви е врв на уметничкото фолирање. Исто како и кај Абрамовиќ, наспроти Леви, на друга шоља, ќе може да седнува публиката и да реагира како што сака. Единствен услов е да не ја допира авторката.
„Егото и фолот сериозно го имаат заебано квалитетот на делата коишто се создаваат денес во уметничкиот свет", вели таа на својот Фејсбук профил. „Исто така сум уморна од трендовскиот уметнички дијалог за тоа како светот на уметноста е раководен од богати луѓе кои сакаат да си купат сјајни дела, а на кои не им е гајле за некакво значење. Но главно мислам дека ќе биде необично забавно да се биде гол на јавно место".
А про по, голотијата во перформативната уметност изгледа е повторно „ин". Пред неколку месеци Британката Попи Џексон во рамки на фестивалот Спил расчекорена седеше на покрив на универзитетски кампус, како имитација на женски фигури - орнаменти на романички цркви, прилично експлицитни со оглед на градбата на којашто се поставени, а најверојатно со паганско потекло.