Уметник го слави учеството на Шкотска на ЕП со шарени фудбалски топки

Додека се фарбаат личат на бомбици прелиени со шарен сос. Инсталацијата на фудбалски топки на еден шкотски уметник е посветена на пласманот на неговиот национален тим на ЕП, прв пат по цели 20 години.

Шкотскиот дизајнер Крег Блек наместо со пиво и грицки го прославува учеството на Шкотска на ЕП, по две децении од последниот пласман, со уметничка инсталација под наслов „Фузија“.

Со употреба на бои на националните знамиња истурени врз фудбалските топки тој создава ефект на џамлија. Самиот уметник го опишува процесот како „истурање акрилна мешавина од бои“ во која се мацнати девет топки кои ги претставуваат Германија, Холандија, Франција, Англија, Шпанија, Шведска, Данска, Италија и секако Шкотска.

Претходен проект на истиот автор беше изработка на посебни копачки за фудбалскиот клуб Ренџерс, кога тој ја освои својата 55-та титула во шкотската Премиер лига. За таа цел тој ја обои легендарната копачка од брендот Pantofola d'Oro.

Видеото за изработката на топките е и пофино отколку самиот резултат - некој вид ASMR во кое можете да уживате неколку минути.

15 јуни 2021 - 09:42