Ајмо Македонска филхармонија!

Талент шоу во кое учесниците диригираат со Симфониски оркестар

Познати личности се натпреваруваат во диригирање со големиот оркестар на ХРТ, за „гледачите да се воведат во прекрасниот свет на класичната музика". Каква бизарна идеја!

Шоуто под име „Маестро", кое во оригиналната верзија прв пат е прикажано во 2008 на Би-би-си, на ХТВ почна минатата година, кога меѓу седумте „студенти-диригенти" се најдоа музичарот Дамир Урбан и Дражен Сиришчевиќ, директор на концертната сала Ватрослав Лисински. Трочленото жири, составено од асли концерт-мајстори, треба од натпреварувачите кои немаат никакво претходно диригентско искуство, да направат вистински маестро, со оценување на нивното диригирање на зададени дела.

Иако публиката на почетокот од емитувањето беше хејтерски настроена („да бе, ќе гледам како некој мафта со раце на гробарска музика"), расположението со текот на епизодите се менуваше, за по шест недели, на крајот на првата сезона да се создадат вистински навивачки табори. Победи актерот Озрен Грабариќ заради неговата харизма и „музичка интуиција", диригирајќи го Верди. Пред неколку дена успешно почна и втората сезона.

Тука видеа од досегашните емисии - најновата е посветена на филмската музика. Во неа најлошо помина Миле Кекин од „Хладно пиво", на кого му се падна - Гркот Зорба.

Во клипот подолу слушнете совети до учесниците кои ги дава познатиот диригент Владимир Крањчевиќ, еден од „менторите", од кои може многу да се научи за тоа што всушност прави тој „мафтачот".

Ако некој се нафати за идејава кај нас, единствено препорачуваме да има и онакви столици што одат горе-долу и чести коментари за промашени „терци“. Чисто за полесно да ни се залепи на нешто на што сме навикнати. 

18 октомври 2015 - 15:58