Судскиот процес кој може да ја одреди иднината на битката ВИ наспроти авторски права

Во средата, долготрајниот спор меѓу Холивуд и индустријата за вештачка интелигенција се заостри, откако филмските гиганти Дизни и Јуниверзал поднесоа тужба против Мидџрни – една од најпознатите платформи за генерирање слики со помош на ВИ, за повреда на авторски права. 

Според тужбата поднесена завчера (11.06) од страна на големите студија Дизни и Јуниверзал, платформата за генерирање слики со помош на ВИ, Мидџрни, им овозможува на корисниците отворено да вклучуваат и копираат познати ликови кои се брендови на овие фирми како Шрек и Спајдермен.

„Пиратеријата е пиратерија – и фактот што ја врши ВИ компанија не ја прави помалку незаконска“, изјави главниот правен советник на Дизни, Хорасио Гутиерез.

Со оваа тужба се оспорува една од клучните претпоставки во ВИ-индустријата: дека користењето заштитени содржини за обучување на модели е дозволено според принципот на „фер употреба“. Исходот од случајот може да има сериозни последици за иднината на и двете индустрии.

ВИ-компаниите ги обучуваат своите модели со огромни количини на податоци собрани од интернет. Иако повеќето не признаваат дека користат заштитени содржини, во САД веќе се водат десетици тужби поради повреда на авторски права. Самата Мидџрни, на пример, се соочува со групна тужба предводена од уметници како Кели МекКернан, која открила дека нејзиното име се користи како клучен збор во платформата за да се добијат слики слични на нејзината работа.

Последниве неколку години Холивуд се воздржуваше од директен конфликт со ВИ-индустријата, иако прашањето беше еден од главните извори на судир при колективните преговори во 2023 година помеѓу синдикати како SAG-AFTRA и продукциските куќи. Продуцентите тогаш понудија „револуционерно ВИ-предлог решение“ за користење дигитални двојници во филмските сцени.

И покрај надежите кај некои во индустријата дека ВИ ќе ја направи продукцијата поевтина и поефикасна, сè повеќе расте загриженоста околу користењето заштитени содржини без дозвола. Тужбата од Дизни и Јуниверзал е прва од овој вид што ја покренуваат големи филмски студија против ВИ-компанија. Со неа се бара обесштетување, но и судска забрана со која веднаш би се запрела работата на Мидџрни. 

Ако таа биде успешна, тоа би можело да ги натера ВИ-компаниите одново да ги обучуваат своите визуелни модели – но овој пат со лиценцирана содржина. Од друга страна, тоа би можело да отвори пат за Холивуд побрзо и појасно да користи ВИ-технологии базирани на легално стекнати податоци.

* Илустрацијата со Спајдермен е генерирана со ВИ:)

13 јуни 2025 - 08:42