Славниот музичар е роден и растен во Валзенд на реката Тајн, дом на големо бродоградилиште и место од каде бродовите тргнувале на својот пат кон океанот. Тука бил изграден Карпатија, кој ги спасувал преживеаните од Титаник во 1912, а во бродоградилиштето работел и рускиот научно-фантастичен автор Јевгениј Замјатин, кој го искористил како позадина за неговото славно анти-утописко дело „Ние".
Целата атмосфера на бродоградилиштето и фактот што сите од семејството му работеле таму извршиле големо влијание врз Стинг, па тој како некој вид одолжување на неговите предци и бивши сограѓани направи мјузикл, чија премиера на Бродвеј се одржа на 29 септември. Критиките беа поделени, разгалената бродвејска публика не беше воодушевена, па од тогаш 15 милионската претстава загуби 75,000 долари.
За да ја спаси работата Стинг од 9 декември самиот ќе глуми во неа и ќе го замени (со негов благослов) главниот актер. Мотивацијата му е голема бидејќи на шоуто работел пет години, бил на сите проби и на сите изведби. На екипата ѝ изјавил дека ако треба ќе си го покаже и задникот само за да им помогне.
Уште пред премиерата Стинг беше свесен дека пазарот на Бродвеј не е соодветен за ваква тешка тема, со оглед на тоа што таму проаѓаат популарни претстави базирани на филмови или хит песни. Иако со неговото присуство во претставата продажбата сигурно ќе се зголеми, и картите не се баш евтини - од 55 до 250 долари. Некој дури седнал и пресметал дека појавувањето на Стинг на сцената ќе изнесува 40% од претставата, за секој да си види дали му се исплати, имајќи предвид дека тој не пее ниту песни од времето со Полис, ниту сопствените хитови.
И други претстави од познати музичари не поминаа баш добро - мјузиклот „Американски идиот" на Бродвеј, базиран на албум на Грин Деј, исто така бележеше загуби додека на трупата не ѝ се придружи Били Џо Армстронг, фронтменот на групата. Нормално, веднаш потоа билетите се продаваа ко алва. Но амбициите на продуцентите на „Последниот брод" се и поголеми - тие целат на наградата Тони за најдобар мјузикл.
Видео за претставата, во кое можете да слушнете нешто и од музиката