„Славејќи го Снупи“ е нова антологија во тврда корица, во која на повеќе од петстотини страници е направен избор од најпопуларните и најзначајните стрипови во кои ова куче е во главна улога. Уредници се Алексис Фахардо и Дороти О’Браен, а воведот е на колумнистот на Вашингтон Пост, Мајкл Кавна.
Ова секако не е прва антологија од овој вид - неговите летачки авантури беа раскажани во „Снупи наспроти Црвениот барон“ од 2015, а пак неговата писателска кариера беше овековечена во „Водичот на Снупи за писателскиот живот“ од 2002. Но оваа нова збирка е до сега најамбициозниот потег за ставање на Снупи во центарот на универзумот на Пинатс, стрип пишуван и илустриран од Чарлс М. Шулц, кој се објавувал од 1950-2000 година во 2600 весници и во 17.897 продолженија, што според многумина го прави „најдолгата приказна раскажана од еден човек на сите времиња“.
„Прославувајќи го Снупи“ треба да биде читана хронолошки, за да се следат и еволутивните скокови на кучето, од слатко кутре од соседството, до целосно различно, антропоморфно суштество, куче кое сака да биде човек. Од моментот кога тоа се симнува од покривот на својата куќичка, во 1958, и неговиот, и нашите животи веќе не се исти.
Снупи така стана еден од најпопуларните стриповски ликови во светот. По повод 50 години од неговото постоење ова талентирано, интелигентно, често мрзливо и по малку цинично куче конечно добива и своја книга. Во која често си зборува самиот со себе или со другар му, пилето Вудсток, игра, се смее, или фантазира дека куќичката му е авион а тој пилот. Едноставноста на неговите желби, потреби и начини на изразување чувства се инспирација и за новите генерации, со доза на носталгија кај постарите, за времињата кога лента стрипче со него вредеше колку сите видео игри на денешнинава.