Скриената медицинска анатомија на „Бакнежот“ на Климт

Подетално истражување на „Бакнежот“ открива група црвени форми во облик на диск на градите и колената на жената, кои необично личат на црвени крвни клетки.

Професорот Им Џо Рју, директор на Корејската универзитетска програма за биомедицина и професор на одделението за анатомија, раководел со студија за проучување на медицинското и уметничко значење на формите кои асоцираат на црвени крвни зрнца на славната слика „Бакнеж“ на Густав Климт. Наодите се објавени во Journal of Korean Medical Science

Тимот навлегол во медицинската литература од „крајот на векот“ - уметничката и културна ера во која творел Климт, на преодот од 19 во 20 век - за да откријат дали црвените дискови имаат некакво симболично но и медицинско значење. Овие елементи внесуваат виталност во сликата, комбинирајќи ја биолошката функција на црвените крвни зрнца со психолошкиот интензитет на црвената боја. Студијата претпоставува дека облеката на љубовниците го претставува циклусот на создавањето на животот.

Клучна историска врска која може да го поддржи ова тврдење е ликот на Карл Ландштајнер, Нобеловец кој го открил системот на крвни групи АБО. Неговата револуционерна статија од 1901 се појавила во медицинското списание Wiener Klinische Wochenshrift. Близок пријател на Климт, професорот Емил Цукерландл, бил член на неговиот уредувачки тим.

На барање на Климт, во 1903 Цукерландл одржал предавање за анатомија за уметници, со што повлијаел врз развојот на уметничкиот пристап на својот пријател. Се знае и тоа дека Климт кај себе ја имал широко користената германска енциклопедија (Meyers Großes Konversations-Lexikon) која содржела илустрации во боја на крвните клетки, што сугерира дека ваквите претстави можеби повлијаеле врз неговото дело. 

И навистина, само еден поглед е доволен за да се забележи асоцијацијата. Освен тоа, рацете на жената на спомнатата слика имаат облик кој потсетува на срце. Црвените дискови на нејзините гради изгледа дека се стратешки поставени близу ова симболичко срце, евоцирајќи го ритмичкиот пулс на животот кој тече низ нејзиното тело. Црвените дискови пак на нејзиното колено можеби претставуваат менструална крв - суптилен, но моќен симбол на плодноста. 

За да го испитаат влијанието на овие црвени форми врз доживувањето на сликата, тимот направил верзија во којашто компјутерски ги отстранил. Потоа замолил 300 испитаници да ја опишат оригиналната, односно фотошопираната верзија. Тие ја опишале првата слика со зборови како интензитет, сјај, виталност, убавина и младешка љубов. Модифицираната верзија евоцирала импресии на монотонија, неподвижност и безживотност. 

Ова покажува дека фузијата на науката и културата е суштинска за нашето разбирање и на уметноста и на човечкото искуство. 

22 март 2025 - 11:04