Сколовранецот на Моцарт

Славниот композитор три години чувал необичен љубимец - сколовранец. Го набавил во 1784, го нарекол Вогелстар (германското име за тој вид птици) и од него се инспирал за фраза во својот Концерт број 17.

Моцарт си водел тетратка со издатоци, и во неа на 27 март 1784 е запишано дека купил миленик - сколовранец, за 34 кројцери. Од истиот датум е и нотен запис, фраза од концерт кој го имал завршено неколку недели претходно, на 12 април, со белешка „Ова беше убаво!“. 

Има две теории во врска со ова - или композиторот ја подучил птицата да ја пее фразата откако ја купил, или пак ја слушнал од неа и ја вклучил во спомнатиот концерт, пред да ја купи. Сколовранците се познати по способноста за вокална мимикрија, па и двете опции се сосема можни.

Како и да е, птицата живеела како милениче во домаќинството на Моцарт цели три години и умрела на 4 јуни 1787. Тој ја закопал птицата во градината со голема церемонија. 

„Кога птицата умре, тој организираше цела погребна процесија, во која секој кој можеше да пее мораше да се придружи во изведба на некој вид реквием, епитаф во стихови, составени од самиот Моцарт“, напишал Георг Николаус фон Нисен, вториот сопруг на сопругата на Моцарт, Констанца. 

Можеби оваа навидум прекумерна реакција на смртта на една птица била поттикната од неодамнешната смрт на неговиот татко, на близок пријател кој умрел млад, како и на фактот дека во тој период Моцарт ја пишувал „Дон Џовани“, неговата најмрачна комедија.

Ова не била првата птица која му била љубимец. На возраст од 14 години тој ѝ пишал од Неапол на својата сестра Нанерл, додека патувал со татка си Леополд. „Пиши ми, како е господин Канаринец? Дали се уште пее? Дали се уште цивка? Знаеш ли зошто се сетив на него? Затоа што има еден во нашето претсобје што прави слични звуци како нашиот“. 

Запишано е и тоа дека додека композиторот лежел на смртната постела наредил друг миленик - канаринец да биде преместен што подалеку од него затоа што не можел да го издржи звукот на неговата песна. 

Сето ова било инспирација за книгата „Моцартовиот сколовранец“ на Лианда Лин Хаут, која ја комбинира приказната за пријателството на композиторот со неговата птица со нејзиното искуство како природонаучник и исто така сопственик на сколовранец што го спасила. 

28 декември 2022 - 17:13