Кај луѓето и повеќето ’рбетници, за бојата на крвта - црвена, освен ако не мислите дека токму вие имате „сина“ - е задолжен хемоглобинот, протеин што содржи железо од коешто крвта ја добива својата боја. Октоподите, лигњите и раковите, пак, за циркулација на кислородот се потпираат на хемоцијанин-от, кој содржи бакар и станува син кога ќе се врзе со кислородот. Некои морски животни имаат виолетова крв благодарение на протеинот хемеритрин, додека одредени гуштери од Нова Гвинеја натрупуваат толку многу зелен пигмент наречен биливердин што тој го надвладува црвенилото на хемоглобинот.
Можеби најнеобични се антарктичките ледени риби, единствените познати ’рбетници без хемоглобин и црвени крвни зрнца. Нивната крв е млечнобела и речиси проѕирна. Тие го користат кислородот растворен директно во крвта, а нивното поголемо срце и пошироките капилари помагаат тој да циркулира низ организмот. Научниците сè уште истражуваат како и зошто овие риби ги изгубиле гените потребни за создавање хемоглобин.
Крвта се приспособува и на животот во екстремни услови. Еленскиот глушец (deer, mouse, мал глодар од Северна Америка), на пример, може да живее на надморска височина од околу 4.300 метри, благодарение на хемоглобинот што многу цврсто го врзува кислородот. Слични приспособувања имаат и некои колибри и жаби од високите планински предели. Сепак, секоја предност има цена: кога хемоглобинот премногу цврсто го задржува кислородот, потешко го ослободува во ткивата, па организмот мора да најде други начини да го надомести тоа.
Овие необични биолошки решенија не се само природни куриозитети. Проучувањето на животните може да помогне во разбирањето и лекувањето на човечките заболувања поврзани со недостиг од кислород, вклучувајќи белодробни болести и анемија. Од сината крв на морските животни до речиси проѕирната крв на антарктичките риби, еволуцијата покажува дека за еден ист проблем постојат многу различни решенија — а некои од нив можеби ќе ни помогнат подобро да го разбереме и сопствениот организам.