Што значи „Џи-пи-ти“?

Четџипити беше еден од првите генеративни чат-ботови со вештачка интелигенција што станаа масовно популарни, отворајќи бројни дебати - од иднината на работата до етиката и точноста на ВИ. Но и оние што редовно го користат можеби не знаат што значи кратенката GPT. Всушност, секоја буква во неа открива нешто суштинско за начинот на кој функционира оваа технологија.

Буквата „G“ во GPT значи „generative“ (генеративен). Тоа укажува дека системот создава нов текст и нова содржина, наместо само да анализира веќе постоечки податоци. Генеративната вештачка интелигенција користи длабинско учење, инспирирано од невронските мрежи на човечкиот мозок, за да произведе оригинални одговори на поставени прашања.

„P“ означува „pre-trained“ (претходно обучен). Ова значи дека моделот бил трениран врз огромни количини текстуални податоци уште пред да стане достапен за јавноста. Таквите модели учат од огромни бази на податоци, како Википедија и други јавно достапни извори. Конкретно, Четџипити бил обучуван и врз голем сет податоци наречен Опенкрол, кој содржи милијарди веб-страници собирани со години, а потоа дополнително бил доусовршуван со човечка повратна информација. Овој процес овозможува побрзо учење, но и ризик од преземање пристрасности или неточности од изворите.

„T“ значи „transformer“ (трансформер), што е вид дигитална невронска мрежа која овозможува прашањето да се „претвори“ во соодветен одговор. Трансформерите го делат текстот на помали единици (токени), ги претвораат во нумерички вектори и преку посебен механизам ја одредуваат важноста на секој дел од информацијата. Така моделот проценува што е клучно и како најдобро да одговори. Џипити моделите спаѓаат во таканаречените големи јазични модели (LLM), кои учат да комуницираат преку анализа на огромни количини податоци.

Интересно е дека името ChatGPT било избрано во последен момент. Првично производот се викал „Chat with GPT-3.5“, но непосредно пред лансирањето во 2022 година тимот решил дека им треба пократко и поедноставно име. Така настанало „Четџипити“ — назив што очигледно „фати“ корен, со тоа што поединци веќе толку се приврзуваат кон својот „соговорник“, што му даваат и лично име. 

11 февруари 2026 - 10:03