Националниот музеј на Бразил, лоциран во јавен парк и дел од Федералниот универзитет на Рио, овој јуни наполни 200 години. Тоа е најстарата институција во земјата, дом на археолошки, природо-научни и антрополошки збирки кои се сметаат за едни од најголемите и најзначајни во Латинска Америка.
Но и покрај неговата важност, околу која сега, откако се случи пожарот, изгледа сите се согласуваат, во последниве години тој не ги добивал потребните средства од државата која и самата си има економски и политички проблеми: корупција, и длабока политичка поделба по импичментот и заминувањето на поранешната претседателка Дилма Русеф. Зградата почнала да се распаѓа, а 90-те истражувачи вработени во него сами собирале пари за да платат за нејзино чистење и за организирање изложби. Една од причините што скоро 90% од зградата е изгорена е и што хидрантите најблиску до музејот не работеле, па наместо тоа пожарникарските возила морале да собираат вода од блиското езеро. Неодамна институцијата формално добила 5 милиони долари за реновирање, што вклучувало и поправка на противпожарниот систем, но парите никогаш не биле префрлени.
Кои беа највредните артефакти кои по сè изгледа изгореа, или се трајно оштетени во пожарот, за чии причини сè уште се шпекулира?
- Еден од најголемите светски метеорити, Бендего, пронајден во 1784 од селско момче, кој бил изложен од 1888. Неговата тежина - 5.36 тони.
- Фосили од најстарите човечки остатоци во регионот, познати како Луција, како и од диносауруси и други суштества
- Египетска колекција која вклучувала сандаци од 11 век пне, мумифицирана мачка, како и мумија на млада Еѓипјанка од околу 1500 години пне
- Артефакти поврзани со голем број бразилски култури, како погребни урни, статуи и обредни предмети
- Грчко-римска колекција со над 700 парчиња пристигнати во Бразил во 19 век
- Предмети на домородни Бразилци, како кукли, маски, кошници, накит
- Предмети од древни цивилизации на Јужна Америка, како свадбени артефакти на Инките или мумија од северно Чиле
- Огромна колекција на птици стара скоро два века
- Збирка скапоцени камења и други геолошки предмети
„Оние кои велат дека музејот ќе биде повторно изграден лажат“, изјавил Луиз Филипе де Орлеанс е Браганка, наследник на последниот цар на Бразил. „Зградата можеби ќе биде изградена, но збирката никогаш нема да биде иста. Двестотини години, работници, истражувачи, професори кои си ги посветија телата и душите на музејот...нивната работа се претвори во пепел заради негрижата на државата“.