И да сте, и да не сте фан на Битлси, новиот осумчасовен документарец на Питер Џексон во три дела е скапоцен увид во начинот на креирање на нешто од ништо, на антологиска музика од случајно фатени акорди и м’мкања. Низ процесот и низ меѓусебните дијалози се отсликуваат и карактерите на Битлси - Ринго молчалив и исполнителен, Џорџ кој се обидува да не биде „поклопен“ од подоминантните Џон и Пол, последниов како „капетан лаѓе“, класниот кој постојано ги строи и се обидува да воведе некоја методологија и ред во она што се случува. Да, и Јоко, како камена статуа до својот сакан.
Но низ филмот дефилираат и голем број други ликови кои одиграле помала или поголема улога во продукцијата и воопшто во логистиката на целиот тој потфат, кој подразбирал снимање албум и одржување на концерт на покрив среде јануари, оној кој подоцна ќе се покаже како последен на Битлси. Еве ги приказните на некои од нив.
Глин Џонс
Аудио инженер и ко-продуцент на Let It Be, Џонс имал поинаква визија за албумот. Завршениот производ на Фил Спектор го нарекол „лигав куп старо срање“. Од премиерата на Get Back, Џонс стана интересен и поради начинот на којшто е облечен, односно неговиот откачен моден стил. Освен со Битлси, тој работел и со Стоунси, Ерик Клептон, Боб Дилан, Иглс. Во 2015 издал мемоар под наслов „Саунд мен“, а новата проширена верзија на Let It Be ја вклучува и оригиналната верзија на албумот која прв пат се издава официјално. Се уште е здрав и жив, и денес има 79 години.
Бил Престон
Клавијатурист од Тексас кој претходно настапувал со бендовите на Литл Ричард и Реј Чарлс. Се појавува во втората епизода на документарецот, каде бендот е веќе излезен од тензијата на „немаме ништо сработено а концертот е за 10 дена“ и почнуваат да снимаат. Неговата вклученост во целата работа не била планирана, тој дошол во студиото само да се поздрави со бендот, но на крај бил ангажиран и за албумот и за настапот во живо. Подоцна соработувал и на соло албумите на Џорџ, Џон и Ринго. Во 1990-тите бил во затвор поради користење дрога и алкохол. Починал во 2006 на возраст од 59 години.
Мајкл Линдзи-Хог
Get Back е ретка можност да се види креативен процес на снимање документарец - оној кој за време на правењето на албумот го прави Мајкл Линдзи-Хог. Така, филмот добива „мета“ момент, бидејќи е документарец и за снимање на друг документарец. По Let It Be Линдзи-Хог продолжил да режира, а еден од неговите проекти е филмот „Обајцата“, драматизација на последната средба помеѓу Мекартни и Ленон пред смртта на вториот. Сега има 81 година, живее во Хадсон, Њујорк и често се допишувал со Џексон во текот на монтажата на оригиналниот материјал.
Меџик Алекс Мардас
„Теч“ гуруто на бендот, за кого во филмот има доста материјал, од неговиот неуспешен обид да конструира од нула револуционерна конзола за снимање, како и да создаде комбинација на ритам гитара и бас, која Ленон се мачи да ја наштима. Алекс и Ленон биле толку блиски што тој бил оној кој ѝ кажал на првата жена на Џон, Синтија, дека овој ќе ја напушти за Јоко Оно. Откако Ален Клајн станал менаџер на бендот, „волшебниот“ Алекс бил отпуштен и станал консултант за безбедност. Бил најмен за да прави лимузини отпорни на куршуми за блискоисточно кралско семејство (исто така неуспешен обид), а во 2008 Њујорк Тајмс го нарекува „наводен пронаоѓач и шарлатан“. Умрел во 2017 на возраст од 74 години.
Хедер Мекартни
6-годишната Хедер е вистинска рок ѕвезда во третата епизода. Ќерка на Линда Истман (која наскоро по филмот ќе му стане сопруга на Пол) се препелка по подот на студиото преправајќи се дека е тигар и ич не ѝ чуе што е во толку славно друштво. Денес Хедер има 58 години и е уметник и керамичар. Нејзината мајка почина во 1998, но Хедер вели дека го смета Мекартни за свој татко.
Реј Даг
19-годишниот полицаец со црвени обравчиња реагира на вревата од концертот на Битлси на покривот од Епл рекордс по дојава од комшии. Неговата неславна улога на некој што се обидува да го прекине последниот настап во живо на култниот бенд е и комичен, и за греота. Човекот само се обидува да си ја работи работата, ама изгледа како да си вели „кај баш мене ме трефна ова?“. Филмот го поттикна интересот и за неговиот понатамошен живот. Тој денес има 72 години и не жали што реагирал онака како што реагирал, но дека заканата за апсење на музичарите поради гласната свирка сепак била „блеф“.