Што е тоа „сатаи“ вестерн?

Како што има италијанска, „шпагети“ верзија на вестерн, сега има и индонезиска. Режисерка е жена, и таа е пионер на нов жанр, сатаи вестерн, според традиционалното индонезиско јадење - ражнич од месо и сос од кикирики.

Филмот на Мули Сурија, „Убиецот Марлина во четири чина“ е филм за замислена одмазда поради кражба и силување. Поврзаноста со специфичниот контекст на Индонезија е во длабоко вкоренетите родови односи и комплексната регионална култура. Естетиката на филмот е инспирирана од стариот добар вестерн, но приказната овој пат е раскажана од женска перспектива.

Наместо на коњ, главниот „лош“ на почетокот на филмот доаѓа во скромниот дом на вдовицата Марлина на својот мотор и најавува дека по него ќе дојде и неговата банда, која ќе ѝ ги одземе парите, стоката, а ако има време и ќе ја легне. Истовремено, тој бара да биде истретиран како почесен гостин според адетите. Сето ова се случува пред мумифицираното тело на неодамна починатиот сопруг на Марлина, поставен во аголот на собата.

Во понатамошниот развој на настаните кои потсетуваат на азиска верзија на Тарантино, таа му ја сече главата со мачета во еден потег, по што филмот продолжува како мешавина на „роуд муви“ и акција. Сето тоа зачинето со музика во дух на Мориконе со оригинални индонезиски елементи и народни песни испеани на дијалектот сумба, кој се зборува на истоимениот остров.

Европската премиера на филмот беше во Кан минатата година. Во ова видео режисерката ги објаснува нејзините идеи, а сцените изгледаат навистина моќно

 

21 август 2018 - 09:11