Дилан ја објави првата оригинална композиција во последниве осум години, 17-минутна трака за убиството на Џон Кенеди. Баладата Murder Most Foul е епска рекапитулација на настаните од 1963, која го замислува Кенеди како е „воден кон кланицата како жртвено јагне“. Но можеби повеќе од славење на ликот на некогашниот претседател на САД, песната е критика на тоа како стојат работите во моментот во оваа земја, која според Дилан од шеесетите наваму доживува само пад. Песната содржи и куп музички референци, како Битлси, Чарли Паркер, Иглс и Стиви Никс.
Иако темата делува некако вон контекст со оглед на моменталната ситуација, Дилан на Твитер ја објави со зборовите: „Ова е досега необјавена песна која ја снимивме одамна. Останете безбедни и внимателни, и Господ нека ве чува.“
Последен, троен албум на Дилан излезе во 2017 под наслов „Трипликејт“, кој содржеше кавери на американски поп стандарди. А негов последен албум со оригинална музика беше „Темпест“ од 2012.
Многу пред него, гусларот Јозо Караматиќ, уште во 1963 ја испеа во придружба на гусли „Смрт во Далас“ (види претходно тука), во која исто така направи реконструкција на трагичниот настан. Необично, ама и неговата верзија трае исто колку и оваа на Дилан - 17 минути.