Во интервју за Гардијан, Салман Ружди соопшти дека склучил договор неговото следно дело, роман во серија, да го објави на Сабстек. Идејата му дошла во текот на чудната година и пол од пандемијата, да проба нешта поврзани со пишувањето на кои до сега гледал со скепса. Едно од нив е да објави дигитална книга, која ќе биде негова 21-ва по ред.
На неговиот Сабстек блог веќе е објавен некој вид најава за она што ќе следи, а тоа се отсликува и во името - „Море од приказни“. Иницијативата всушност потекнала од самата платформа, а Ружди иако најпрвин не бил баш ентузијастичен, се премислил откако сфатил дека иако е најпозната по новинари од голем калибар кои тука бараат засолниште од мејнстрим медиумите, оваа платформа сè повеќе привлекува и писатели. На неа на пример свои дела веќе објавува Пети Смит.
Сабстек им овозможува на читателите да се претплатат на поединечни автори, чии постови потоа се испраќаат на мејл или можат да се читаат онлајн. Тие често нудат мешавина од платена и бесплатна содржина, токму она што планира да го направи и Ружди. Деловите од романот ќе се објавуваат на една недела во тек на една година. Но блогот ќе содржи и кратки раскази, книжевни оговарања и осврти за книги и филмови.