Работниот наслов на филмот кој Русите ќе го снимаат на Меѓународна вселенска станица е „Предизвик“. Руската вселенска агенција Роскосмос вели дека на овој начин - со претворање на вселенска станица во филмски сет - сака да покаже дека овој простор нуди можност за различни активности, меѓу кои и снимање филмови.
Насловот на филмот е соодветен, бидејќи ова можеби е реакција на најавата дека НАСА и актерот Том Круз исто така планираат да направат филм на истата вселенска станица. Овој проект беше најавен минатата година, но од тогаш нема дополнителни информации до каде е стигнато со организацијата. Се очекува Круз да замине за станицата заедно со режисерот Даг Лиман. НАСА вели дека компанијата СпејсИкс на Илон Маск исто така ќе биде вклучена.
Јулија Пересилд и Клим Шипенко, двајцата актери одбрани за главните улоги, поминале низ медицински проверки а на 1 јуни ќе почне и нивната обука за вселенски патувања. Таа ќе вклучува центрифугални и вибрациски тестови, летови на авион со нула гравитација и падобранство.
Што се однесува до содржината, филмот се однесува на мисија на жена-хирург која треба да изврши операција на космонаут кој е премногу болен за да се врати на Земјата.
На повикот се пријавиле илјадници актери, а Пересилд била одбрана помеѓу 19 колешки кои влегле во финалето. Целиот проект ќе биде покриен од руската државна телевизија, ТВ Канал 1.
Меѓународната вселенска станица е најголемата орбитирачка лабораторија на светот. Првата фаза била лансирана во ноември 1998 од Роскосмос. Од тогаш, САД, Европа, Јапонија и Канада придонеле кон модулите, роботичките раце и големите соларни панели.
Целта е да се истражува и развива можноста да се живее и да се работи во вселената. Искуствата од станицата треба да отворат пат за покомплексни структури, како и постојана база на Месечината и мисии на Марс.