
(фото: Epa Images)
По објавувањето на романот „Џејмс“ во 2024, Персивал Еверет ги собра речиси сите позначајни книжевни награди во англиското јазично подрачје - Националната награда за проза, наградата Киркус, а беше и финалист за Букеровата.
Оттаму, тоа што книгата вчера (5.5.) го доби и Пулицеровото признание за проза не е големо изненадување. Еверет (1956) е професор по англиски јазик на Универзитетот Јужна Калифорнија, кој себеси се опишува како „патолошки ироничен“ и до сега се има опробано во бројни жанрови, како вестерн фикција, мистерија, трилер, сатира и филозофска проза. Најчеста тема е расата и прашањето на идентитетот.
Во пошироките кругови стана познат откако неговата книга „Бришење“ стана основа за филмот „Американска фикција“ од 2023 (Букбокс осврт за него тука).
„Џејмс“ е реинтерпретација на „Авантурите на Хаклбери Фин“ на Марк Твен, но од перспектива на побегнатиот роб, пријател на Хак. Првите сцени се многу слични на она што се случува во оригиналот, но кога двата лика се разделуваат и Џејмс почнува своја „авантура“, тонот станува посериозен и се истражуваат теми како силување, убиство и расизам. За разлика од „Хаклбери Фин“ каде Џејмс е опишан како лековерен и по малку глупав, тука тој е скептичен и тајно многу пообразован од повеќето белци. На крајот има и спојлер кој уште повеќе ја комплицира приказната, а се однесува на поврзаноста помеѓу Хак и Џејмс.
Помеѓу другите добитници во категоријата „Книги, драма и музика“ се Бренден Џејкобс-Џенкинс за драмата „Цел“ (Purpose) за комплексната динамика и наследство на афро-американско семејство од високата средна класа чиј патријарх бил клучна фигура во движењето за граѓански права; „Секое живо суштество“ од Џејсон Робертс во категоријата биографија, за двајца научници од 18 век - Карл Лине и Жорж-Луј де Бафон кои ги посветиле своите животи на опишување на тајните на природата; „За успехот на нашата безнадежна кауза: големиот број животи на едно советско дисидентско движење“ од Бенџамин Нејтанс во категоријата генерална не-фикција. За финалистите и добитниците во останатите категории тука.