Дејството на романот „Хамнет“ на О’Фарел се одвива во Стратфорд на реката Ејвон, родното место на Шекспир, во доцниот 16 век. Книгата е истражување на емоционалните, семејните и уметничките последици кои ги доживуваат неиуменуван драматург и неговата жена откако ќе го загубат нивниот единствен син, 11-годишниот Хамнет, како последица на бубонската чума од 1596. Четири години подоцна, таткото на детето го канализира својот очај во ремек-дело чиј наслов е варијанта на името на синот. Со таа разлика што во драмата таткото умира, а синот преживува за да се одмазди за татковата смрт.
Во романот жената која ја знаеме како Ен Хетвеј (жената на Шекспир) е именувана како Агнес, а таа се запознава со драмскиот писател кога тој е ангажиран како нејзин тутор по латински, како отплата на долг кон семејството на Агнес од страна на неговиот татко. Тие почнуваат најпрвин страсна и тајна врска, која по раѓањето на двете деца веќе не е тоа што била. Бракот е ставен на уште еден голем тест кога Хамнет умира, како последица на заразна болест која од денешен аспект може лесно да биде и Ковид. Романот го следи патот на чумата од заболен мајстор стаклар во Мурано кога тој си ги гори рацете од врелото стакло, до моментот кога сестрата на Хамнет, Џудит, возбудено отпакува кутија со стаклена монистра која пристигнува од Мурано во Стратфорд, кај кројачка која ги има нарачано за фустан на богата муштеријка. Така О’Фарел се претвора во форензичар што ја следи трагата на вирусот, кој на својот пат ќе скрати и ќе промени многу животи.
За вистинскиот Хамнет се знае многу малку. Тој бил роден како близнак, заедно со сестра му Џудит, а двајцата ги добиле имињата по Хамнет Садлер, пекар кој бил сведок при правењето на тестаментот на Шекспир и неговата жена Џудит. Кога имал четири години неговиот татко - Вилијам - веќе бил лондонски драматург, а како што неговата популарност растела, така тој бил поотсутен од дома. Хамнет очинал на 11 години, најверојатно од чума, во време кога третина од децата во Англија умирале на возраст до 10 години.
Во времето кога се случило ова, Шекспир пишувал главно комедии, и продолжил со истото и неколку години по смртта на неговиот единствен син, кога биле напишани неговите најславни трагедии. Сепак, истражувачите сметаат дека е можна врска помеѓу главниот лик на данскиот принц, името на детето, и генералната мрачна атмосфера на драмата.