Рој Кон: мистериозниот адвокат кој му помогнал на младиот Трамп

Филмот чиј наслов може да се преведе со „Чиракот“ или „Ученикот“ (The Apprentice) изминатава сезона стана популарен поради неколку причини - затоа што неговиот поднаслов е „Приказната за Доналд Трамп“ и содржи делови од неговата биографија, но и затоа што во него учествуваат навистина одлични актери кои беа номинирани за Оскари за своите улоги. Но она што е веројатно најважно во него не е самиот Трамп, туку еден мистериозен лик кој го направил она што денес е.

„Апрентис“ најпрвин беше прикажан во конкуренција за награди на филмскиот фестивал во Кан во мај минатата година, а потоа беше номиниран за најголемите филмски признанија во различни категории, како БАФТА или Златните глобуси. Притоа, фокусот на медиумите и критиката беше на ликот на Доналд Трамп (го игра Себастијан Стен), кој е прикажан во период кога тој се еманципира од наметнатите татковски стеги и почнува да гази во светот на бизнисот, и буквално и фигуративно. Но главен лик во филмот е всушност оној кој формално се води како „спореден“ - контроверзниот адвокат Рој Кон (го игра Џереми Стронг од „Сксешн“), ментор на човекот кој подоцна ќе стане и претседател на САД.

Пред да се запознае со Трамп, Кон бил најпознат како обвинителот во судењето за шпионажа на Џулиус и Етел Розенберг, брачен пар обвинет за шпионирање за СССР. Судењето завршило со смртна казна за нив во 1953. Веднаш по ова тој е ангажиран од страна на сенаторот Џозеф МекКарти кога му помагал во истрагите против осомничените комунисти од различни области на јавниот живот во САД. Иронично, и покрај тоа што и самиот бил геј, тој учествувал и во прогонувањето на геј лицата вo федералните служби во текот на кампања наречена „Лаванда паника“, кога илјадници вработени ги загубиле своите работни места само поради својата сексуална ориентација.  

По падот на МекКарти на почетокот на 1970-тите, репутацијата на Кон се намалува, но тој останува да работи за битни клиенти, како Аристотел Оназис и мафијашите Тони Салерно и Џон Готи. Познат е како „брилијантен фиксер“ кој се служи со секакви нелегални средства да изврши притисок врз сведоци или да прикрие докази. И покрај тоа што неколку пати е обвинуван за непрофесионално работење и други прекршоци, казнет е со одземање на лиценцата дури пред крајот на животот. Полн контроверзи, тој бил регистриран демократ кој ги поддржувал сите републикански претседатели на своето време (Никсон, Реган), како и високите функционери од оваа партија. Дури и кога имал можност да влијае врз закони кои би можеле да ја олеснат ситуацијата на геј луѓето, тој се ставал на страната на конзервативците. Така, кога требало да помине првиот закон за заштита на хомосексуалците во Њујорк, тој изјавил дека „геј наставниците се тешка закана за нашите деца“ (притоа самиот немал деца, ниту пак некогаш се женел). 

Во 1973 Кон го среќава Трамп во ексклузивен клуб во Њујорк. Во тој момент Доналд и неговиот татко, Фред се соочуваат со тужби од Министерството за правда на САД за расна дискриминација во издавањето на нивните станови. Наоѓајќи сличности во нивните ставови, тие стануваат „г'з и гаќи“ во следната деценија. Агресивноста на Кон не само што му овозможува победи на сите фронтови на Трамп (дури и изземање од плаќање огромен данок за првиот изграден хотел), туку прекраснува во однос на ментор и ученик, или мајстор и чирак. Тоа е човекот кој му покажал на својот пулен како да ја експлоатира моќта и да наметнува страв, со едноставна формула: напаѓај и никогаш не признавај пораз. 

Сепак, неговата болест, за која тврдел дека е рак на џигер а всушност била AIDS, некаде при средината на филмот го прават малку повнимателен и помек. Како контраст на тоа, „чудовиштето“ што го има создадено само добива на сила и станува исто толку бескрупулозен колку и неговиот ментор. Ученикот конечно го надминува учителот кога почнува да манипулира и со него. Така, филмот добива поинаква димензија од она „приказна за Трамп“ - тоа е истиот оној безвременски фаустовски мит за продадената душа, по што оној што се продал станува и поголем Ѓавол од оној првичниот.

Илина, Букбокс

12 март 2025 - 09:46