Го нарекуваат „Крвавиот барон“ или „Крал на телесниот хорор“. Режисерот на провокативните „Мува“, „Гол ручек“, „Судар“ и „Историја на насилството“, сега одлучи да стави на аукција нешто од својата внатрешност - не душата, туку камења извадени од неговите бубрези.
Насловот на делото кое се продава како „незаменлив токен“ (NFT) е „Камења од бубрези и внатрешна убавина“. Првично, фотографијата била направена за пријател, кој ја имал истата мака како и Кроненберг, кој своите камчиња ги имал сочувано во шишенце.
„Моето тело вложило многу напор да ги создаде овие неверојатни форми“, изјавил Кроненберг, додавајќи дека некој којшто ја видел фотографијата ја споредил уникатната естетика на секој камен со необични морски суштества.
Режисерот истовремено изјавил дека НФТ се појавува и во новиот филм, „Злосторства на иднината“, во кој игра неговиот чест соработник Виго Мортенсен. Тој глуми перформанс уметник кој хируршки отстранува органи од сопственото тело пред публика. Премиерата се планира за овогодишниот Кански фестивал кој ќе се одржи од 17-28 мај.
Ова е второ НФТ дело на Кроненберг кое е ставено на продажба. Првото беше краток филм под наслов „Смртта на Дејвид Кроненберг“, од септември 2021. Едноминутното видео го прикажуваше 78-годишниот режисер како се соочува со сопствениот труп и легнува во кревет со своето мртво јас. Делото се продаде за 25 етери, или отприлика 90.000 долари. Уметникот изјавил дека се запознал со дигиталниот пазар на уметнички дела преку својата ќерка Каитлин, која е фотограф.