Сакаме македонски на зелник!

Прв официјален албум снимен на тортиља

Музичарот, продуцентот и соработник на Бјорк, Метју Херберт, тукушто објави албум што се јаде. Додуша, неговиот наслов е - „Тешко дека ова може да е вкусно".

Тортиљата од албум е дел од проект на Херберт наречен „Звуци кои можат да се јадат", експериментирање со „носачи на звук" направени од прехранбен продукти. Во случајов музиката е ласерски нанесена на површината на тестото, кое изгледа како оние стари синглици.

Ова на Херберт е всушност чекор напред по виралното видео од летово (види подолу) на кое на тортиља се слуша некаква смешна мексиканска песна. Но сега имаме асли албум, во само 12 примерока, нарачан од Лондонската научна галерија (Science Gallery London).

Oва не е прв пат Херберт да прави концептуални албуми со храна - секој звук на неговото претходно дело Plat du Jour бил поврзан со синџирот на исхрана, како на пример песната на која 3255 луѓе јадат јаболко или „Животот на модерната индустријализирана кокошка" која се состои од звуци на вознемирени кокошки и она „бап" кога јајцето кое го снесуваат ќе се слизне на фабричката лента. Слушнете ја тука:

3 март 2016 - 07:31